1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде третиот претседател на Хрватска?

10 јануари 2010

Хрватските државјани со право на глас во земјата и во странство денеска во вториот круг од претседателските избори избираат меѓу Иво Јосиповиќ и Милан Бандиќ. Какви перспективи нудат двајцата за иднината на Хрватска?

https://p.dw.com/p/LPoX
Фотографија: AP

Во завршните анкети направени пред изборниот молк во просек околу 55 насто од испитаниците му дадоа доверба на Иво Јосиповиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија, додека пак независниот кандидат Бандиќ доби околу 35 насто поддршка. Но, Бандиќ порача дека исходот од денешниот втор круг гласање на претседателските избори ќе биде во негова полза.

Изборите се случуваат во период во кој земјата е во незавидна економска ситуација. Стопанството е во тешка рецесија, невработеноста е зголемена за 20 насто во споредба со истиоот период минатата година, а има и најави за нови отпуштања, стандардот на граѓаните е опаднат, и како последицаа на сите тие негативни трендови, граѓаните на Хрватска се меѓу најдепресивните во Европа. Но дали Хрватска е толку поделена земја, како што можеше да се заклучи од предизборната кампања на двајцата кандидати во вториот изборен круг?

Хрватска е длабоко поделена земја

Иако може да се каже дека главната поделба во земјата е на оние кои имаат работа и редовна плата и оние кои се борат за гола егзистенција, во изминатите денови аналитичарите тврдеа дека на овие избори се одлучува меѓу две Хрватски. Но, според професорот по политички науки од Загреб, Ненад Закошек, станува збор за длабока општествена и политичка поделба, која повеќе не одговораа на традиционалната идеолошка поделба во Хрватска на левица и десница, агностички либерали и католички конзерватици и „партизани“ и „усташи“.

Bildkombo Milan Bandic Ivo Josipovic
Милан Бандиќ и Иво ЈосиповиќФотографија: AP / DW-Montage

Изборните резултати од првиот круг гласање покажуваат дека за Јосиповиќ најмногу гласало образувано, урбано и граѓанско избирачко тело, додека избирачи на Бандиќ биле пред се’ губитниците од транзицијата, приматели на државна помош и на подароци кои Бандиќ ги делеше наголемо како градоначалник на Загреб. Тој себеси се претставува како партиски независен човек, близок до обичните луѓе, наспроти партиски диригираниот Јосиповиќ.

Тој пак возвраќа дека овие избори се судир на светлоста и темнината, праведноста и неправедноста , во кој тој е заговорник на светлината, демократијата и на Европа.

Мали надлежности за претседателот на државата

Меѓутоа, без оглед кој од нив двајцата ќе биде наредниот хрватски претседател, ќе ја одредува политичката клима во земјата, но не и многу повеќе од тоа. Бидејќи со влезот во НАТО, Хрватска ја дефинираше својата воено-безбедносна политика , која инаку е во надлежност на претседателот. Со брзото членство во Европската унија ќе се дефинираат многу други работи , меѓу нив и надворешната политика, а со тоа дополнително ќе биде смален делокругот на работа на третиот хрватски претседател. Поради тоа, не зачудуваат размислувањата дека и Хрватска би требало да размисли за тоа дали во иднина претседателот на државата да се избира во парламентот, како што е во многу развиени европски демократии.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска