1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги купи бугарските ниви?

Николај Цеков / Александар Методијев2 октомври 2013

Од 2014 граѓаните на ЕУ ќе можат слободно да купуваат земјоделско земјиште во Бугарија. Наместо да се води дебата на таа тема, Бугарите не престануваат да повторуваат како „странците ќе ги купат нивите во земјата“.

https://p.dw.com/p/19sOq
Фотографија: BGNES

При пристапувањето на Бугарија во ЕУ на земјата ѝ беше наложен седумгодишен мораториум на продажба на земјоделско земјиште на странски физички лица. Рокот истекува на 1 јануари 2014 година. Од тој датум граѓаните од ЕУ ќе можат слободно да купуваат парцели во Бугарија. Досега тоа беше можно само за правните лица.

Во последните неколку недели многумина се противат на укинувањето на мораториумот. Бугарските фармери инсистираат забраната да биде продолжена. Од Атака, пак, бараат забраната странци да купуваат земја да остане во сила до 2020-та година. Тие стравуваат дека „може да дојде до масовно купување на земјоделско земјиште од странски инвеститори“.

Факт е дека цената на земјоделското земјиште во Бугарија сѐ уште е многу пониска отколку што е во Централна и Западна Европа. Но, во последно време инвестициите во обработливо земјиште загубија на атрактивност.

И малкуте инвестиции се повлекуваат

Од 22 милијарди евра странски капитал, колку што бил привлечен во Бугарија во последниве две децении, само 0,5 проценти биле во земјоделскиот сектор. Дел од инвестициите се повлечени, поради регистрирани загуби, поврзани со високи трошоци и слаби приноси. Во земјата се намалува и бројот на малите земјоделски производители. Само пет проценти од земјоделците се на возраст до 35 години, што е трипати помалку од просекот во ЕУ. Сето ова се случува поради стареењето и изумирањето на бугарските села.

Symbolbild Mais
Трошоците и малите приноси се причина за повлекување на малкуте инвестиции во бугарското земјоделствоФотографија: Fotolia/smereka

Поранешната европратеничка Петја Ставрева, сегашен лидер на партијата Обединети земјоделци, укажува дека „исполнувањето на европската Програма за рурален развој во Бугарија, со која требаше да се подобри животниот стандард, да се реновира инфраструктурата и да се создадат нови работни места во селата, е оценето како крајно незадоволително“. Таа посочува дека во Шпанија на странци им се продаваат не повеќе од 15 до 20 проценти од земјиштата во одделни населени места, но тој процент во Латвија е 50. Таа вели дека нејзината партија не е против продажба на бугарските ниви, но дека сепак треба да се сослушаат предлозите на експертите „за ублажување на последиците од укинувањето на мораториумот“. „Остануваат само три месеци, а институциите молчат“, Петја Ставрева.

Стравот на Бугарите е неоправдан

Според економистот Красен Станчев, привидно е тоа дека бугарските ниви се евтини.

„Всушност, инвестициите во бугарското земјоделство се скап потфат. Трошоците кои се потребни за да се претворат бугарските ниви во ефикасно средство за производство, ја надминуваат најмалку за два до трипати цената на декар обработлива земја“, вели економистот.

Bildergalerie nach Europa eingeschleppte Tiere und Pflanzen Symbolbild Artenvielfalt
Бугарите без основа стравуваат дека странците ќе им ја купат земјата, забележуваат дел од експертитеФотографија: Fotolia/Jürgen Fälchle

Тој не се согласува со тезата дека странските инвеститори ќе ги грабнат и изнесат во странство европските субвенции, наменети за помош на бугарските фармери. Тој укажува и на фактот дека по укинувањето на мораториумот за продажба на земјоделското земјиште „во Полска, Унгарија, Чешка или во Балтикот не беше забележан прилив на странски купувачи на ниви“.

Турците ќе ја купат бугарската земја?

Според економистот, стравувањата дека „Турците ќе ја купат бугарската земја“ се неоправдани, бидејќи Бугарија применува реципрочни правила за државјани на земји надвор од ЕУ кои би сакале да купат земјиште во Бугарија. Како што објаснува Станчев, „тамошните административни ограничувања за бугарските граѓани автоматски се пренесуваат врз оние кои сакаат да купат бугарска земја“. Тој не очекува странско учество во бугарското земјоделство како што го има во градежниот бум во бугарските летувалишта.

„Во сегашната криза нема да се најдат кандидати за слична авантура“, вели Станчев .

Тој и поранешната европратеничка Петја Ставрева се убедени дека европските програми за бугарските рурални средини треба да бидат преиспитани, за да се подобри пристапот до нив на малите земјоделци и селските општини.