1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе остане, а кој се ќе си замине од Ирак?

20 април 2004
https://p.dw.com/p/AcO1
Ирак
ИракФотографија: U.S. Military

Шпанија веќе почна со повлекување на нејзините 1 300 војници од Ирак. Хондурас исто така најави дека има намера најбргу што е можно да ги повлече своите 370 војници. Војниците на Хондурас се во рамки на бригадата ”Плус ултра” предводена од Шпанија, во рамки на која има и трупи на Ел Салвадор и Доминиканската република. Двете земји засега ги задржуваат војниците во Ирак.

Повлекувањето на шпанските сили ќе трае околу шест недели. Американскиот претседател, Џорџ Буш, претходно во телефонски разговор со шпанскиот премиер Хозе Сапатеро побара повлекувањето да биде организирано така што нема да биде загрозена безбедноста на ниту еден војник од коалицијата предводена од САД.

Портпаролот на министерството за надворешни работи, Ричард Баучер, рече:

”Се разбира се надеваме дека повлекувањето ќе се одвива координирано и организирано, во соработка со останатите трупи од коалицијата, така што на теренот да нема дефицити.”

Италија, со новата позиција на Шпанија кон ситуацијата во Ирак, гледа за себе предност, во насока на тоа дека може да стане најблизок сојузник на САД во континентална Европа. Италијанскиот премиер, Силвио Берлускони, изјави дека италијанските војници и хуманитарни организации и натаму ќе му помагаат на населението во Ирак.

Американскиот претседател Буш, вчера, за американски амбасадор во Ирак, го назначи досегашниот американски амбасадор во ОН, Џон Негропонте. Во меѓувреме, цивилните лидери во Фалуџа, им се придружија на американските претставници во повикот до бунтовниците во тој град да се разоружаат, а американската војска се обврза дека нема да продолжи со офанзивата доколку биде предадено тешкото оружје. Овие обврски се наведени во првото соопштение ке го усвоија американските цивилни и воени претставници и групата цивилни лидери во Фалуџа по повеќедневни разговори.