1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја лекува Бугарија?

Мирела Иванова / Елизабета М. Фиданоска12 јануари 2014

Бугарските лекари масовно ја напуштаат татковината. Цели региони се „оголуваат“, односно остануваат без здравствени работници. Мирела Иванова оценува дека е можеби доцна да се прашува зошто се стигнало дотука.

https://p.dw.com/p/1An1b
Фотографија: DW/Mariya ILcheva

Среде многуте вознемирувачки вести кои наместо снег ја затрупаа Бугарија на почетокот на јануари, особено за тревога е веста за лекарите кои се‘ помасовно ја напуштаат Бугарија. Со децении се почнуваат и не се доспроведуваат реформи во здравството, што само ја усложнува ситуацијата.

Кога се минува крај една од старите, големи софиски болници, на секои пет чекори се среќава рекламата за учество во шоу со кое може да се заработат 250.000 лева. Тоа не е новина. Ново би било ако со рекламата те привлекуваат да станеш лекар, да останеш да работи во Бугарија и годишниот приход да ти изнесува 250.000 лева. Но бугарските лекари кои масовно си заминуваат од земјата се привлечени да одат на други места каде ќе имаат повисоки плати и подобри услови за работа.

Повеќе од вознемирувачки се податоците коишто ги изнесе Бугарскиот лекарски сојуз (БЛС). Претседателот на сојузот, д-р Цветан Рајчинов, тврди дека во државата веќе има цели региони во коишто нема лекари за одредени специјалности. Националниот завод за статистика исто така дава неутешни констатации: половината од бугарските лекари работат во шесте најголеми градови во земјата. Од 28.643 лекари, во 2012 година во Софија работеле 5.883, во Пловдив 3.126, во Варна 2.139, во Стара Загора 1.398, во Плевен 1.326 и во Бургас 1.179. Најмал број лекари има во Силистра, Разград и Смолјан.

Голем проблем има и со интересот за одредени специјалности. Има се‘ помалку анестезиолози, реаниматори, лекари во службите на Итна помош. Прашањето веќе не гласи „Зошто стигнаме дотука?“. Дури и да се открие најточниот одговор (како започнуваните и недовршувани реформи на здравството, немањето целосна визија за добро здравство и добра распределба на парите од Здравствениот фонд), се чини работите се тргнати удолу. Изгубено е многу време и голем дел од довербата меѓу пацинетите и лекарите.

Krankenwagen in Sofia Bulgarien
Службата за итна помош има се‘ помалку лекариФотографија: BGNES

Несомнено, негативните цифри и податоци се дел од вкупната слика, но има и други примери. Дел од приказната се и примерите на авторитетни, реализирани лекари, кои заработуваат добро и во Бугарија. Тие сакаат да останат и да работат во државата. Мариана Талева, на пример, е личен лекар со две специјалности - педијатрија и општа медицина. Таа е убедена дека е доволно да си посветен на мисијата на својата професија, за да имаш можности да се реализираш како лекар и да имаш чесен приход.

„Се разбира, потребни се големи напори, треба постојано да се развиваш и дообразуваш, но ако сакаш да си добар лекар и не може да е поинаку“, вели таа.

Д-р Асен Тодоров е на специјализација по хирургија во Националниот онколошки центар и од неодамна има постојано вработување. Никогаш не сакал да биде ништо друго освен лекар. Лекар е и татко му. Тој е убеден дека нема подобро место за специјализација и подобри учители од оние со кои има шанса да работи. Решил да остане во Бугарија, иако речиси 70% од колегите со коишто студирал се веќе зад граница.

„Заедно живеевме за време на студиите, а сега секоја вечер разговараме преку Скајп. Нивен основен мотив да ја напуштат Бугарија се ниските плати. Јас лично, иако работам, не можам да се издржувам сам. Ако родителите не продолжат да ми помагаат, ќе бидам изгубен“, вели Тодоров.