1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коџабашија: Сакаме да ги „превртиме“ клишеата и шаблоните!

Сузана Тодоровска- Павлоска 8 јули 2012

Афирмираниот македонски композитор во светски рамки Никола Коџабашија, по промоцијата на независниот музички проект „Пенелопе Икс“, продолжува со креирање нов музички материјал, овојпат со наслов „Director’s Cut”.

https://p.dw.com/p/15TXc
Фотографија: Suzana Todorovska-Pavloska

Меѓу Скопје и Лондон кадешто живее и работи веќе 15 години, Никола Коџабашија деновиве во Скопје концертно ја продолжи „приказната“ со своите пријатели од „Пенелопе Икс“ (формација што ја сочинуваат членови од култниот музички состав „Фолтин“, перкусионистот Гоце Стевковски и хорнистот Џијан Емин) и вели дека не знае како ќе заврши ова креативно, музичко патување - како нов албум или се шегува - како „Рамбо 2“ или „Ајкула 3“!

Авторите пишуваат едно дело низ целиот живот!

„’Director's Cut’ или ’цепки’ е луцидно позајмена терминологија од филмаџиите и ДВД-изданијата кадешто се објавува стандардно комерцијално издание и потоа се прави режисерско издание. Така ние ќе се обидеме да направиме наше издание на песнарката која е малку посурова, повулгарна и поболна. Албумот ’Пенелопе Икс’ или ’Пенелопо непозната’ сепак е најлирска. Но, нашата ’вулгарност’ е далеку од вулгарностите што ни се случуваат секој ден. Тоа е делумно нов материјал. Имав идеја да сработам мјузикл кој преку песни и преку либретото ќе раскаже повеќе приказни, а меѓу другото и мојата приказна - на патувањата, заминувањето од дома и вечното враќање и вечното повторно заминување. Како метафора, човек посегнува по најдобрата основа а тоа е - Хомер“, вели за ДВ Коџабашија.

Musik Symbolbild Noten Notenschlüssel neu
Македонската музичка сцена е во некоја полувиртуелна форма, вели КоџабашијаФотографија: Fotolia/Freesurf

Овој аудио документ беше високо оценет во повеќе домашни и странски медиуми. „Пенелопе Икс - Одисеј и неговите жени“ беше промовиран и во Лондон, во рамките на Лондонскиот џез фестивал, во ноември 2011-та.

Македонската современа музичка сцена без силно општествено влијание

Во контекст на македонската современа музичка сцена овој проект нуди поинаква звучна естетика. Коџабашија смета дека таа сцена нема моќ да испрати силна порака во општеството.

„Македонската музичка сцена е во некоја полувиртуелна псеудо-форма бидејќи таа не е вистински вградена во нашето општество. Повеќе се занимава со следење на потребите на општеството отколку што влијае врз него, затоа што музиката е еден од најмоќните медиуми кој може безболно да ’вбризга’ многу етички, морални и естетски пораки. Само забележувам музички производи кои се далеку од просечни, а добиваат огромна важност во медиумите“.

Symbolbild Dirigent
Фотографија: Fotolia/mankale

Атрофија на вкусовите кај македонската публика

Доминацијата на невкусот во музичката медиумска понуда Коџабашија ја објаснува со недостиг од ентузијазам, нова енергија и инертност за да се наметне некој нов музички квалитет. „Но, за она што сакате да го кажете треба да има и заинтересирана публика“, вели композиторот Никола Коџабашија.

„Не зборувам од некаква елитистичка позиција, но она што јас го работам не знам како ќе заврши кај публиката. Постои атрофија во ’приемникот’ во нашето општество. Таа е институционална, поединечна или улична. Мислам дека во Македонија постои атрофија на потребите и вкусовите“.

„Предизвик е кога ќе добиете умна задачa, но од клишеата најмногу се заработува“

Создавањето музика подразбира работа на сопствена широка музичка култура. Во својата работа Коџабашија ги имплементира сите медиуми - литературата, поезијата, филмот, театарот. Дали авторот треба да „бранува“ само со своето творештво или треба да се ангажира и поинаку? Коџабашија смета дека во македонското општество секој треба да се однесува поеснафски.

„Претежно работам во театар, а литературата ја сметам за мој најблизок медиум за комуникација иако јас сум музичар по еснафот. Јас сум политички агностик и не верувам во какви било политички системи. Сметам дека треба да ги поделиме задачите во општеството. Кај нас секој се занимава со сè и сешто. Тоа не е аристотелизам, туку е обратната или црната страна на некоја псеудо-аристотеловска идеја дека креативецот треба сè да прави.“

Kopfhörer und CDs Symbolbild
Музичка култура не се стекнува со слушање ЦД-а или читање на обвивкитеФотографија: Fotolia/Dmitry Naumov

Најголем предизвик му е кога ќе добие интелигентна или „комплементарна задача“ да изработи музика за филм, објаснува Коџабашија. Работеше и на музиката за филмовите на Милчо Манчевски, Иво Трајков...

„Јас бев само оркестратор на Кирил Џајковски. Во принцип не ме интересира работа на филмска музика ако сум ставен во функција на нечие отсуство на музички вкус. Затоа повеќе би работел како оркестратор и ’занаетчија’. За жал, во филмската индустрија, па и кај нас, не забележувам нешто интересно, ново и возбудливо во филмската музика. Најмногу сакам да работам музика за сцена и театар бидејќи во последните 10-15 години таму се случува музичкиот медиум да биде најмногу ослободен од историска или академска предрасуда. Предизвик е кога ќе добиете умна задачa, но од клишеата најмногу се заработува“, вели Коџабашија.

Ја сакам онаа Македонија што јас ќе ја создадам околу себе

Живеејќи ги паралелно, и физички и творечки, македонската и британската реалност, Никола Коџабашија им се радува на претстојните ангажмани до февруари 2013 година. Меѓу театарските претстави и најавениот танц проект во септември, претставата за затворањето на летната сезона во Гимараеш, Португалија - Европски град на културата за 2012; меѓу Јапонија, Истанбул, Франција, Велика Британија, Израел и документарците за „Би-Би-Си“ тој е во- Скопје.

„Македонија многу си ја сакам. Но, ја сакам таква каква што јас ќе си ја создадам околу себе, со прекрасни луѓе - семејството, пријателите, најблиските колеги“, вели Коџабашија.