1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кралица на шнит-мустрите“

28 јули 2009

Мода за целото семејство - тоа беше визијата на Ене Бурда. Нејзините шнитови за шиење изодеа победоносен поход ширум светот. Бурда изгради кариера од соништата: од домаќинка до успешна жена во светот на издаваштвото.

https://p.dw.com/p/IyHE
Ене БурдаФотографија: Verlag Burda Russia

Криви и паралелни линии и линии што се прекрстуваат - мажите лаици би помислиле дека станува збор за план за изградба на авион, но жените веднаш сфатија дека тоа е упатство: како да си го скројат фустанот од соништата. Идеја, која Ене Бурда ја претвори во „Кралица на шнит-мустрите“ и шефица на најголемиот светски моден издавач - „Бурда - мода“. „Идејата ми беше да создадам мода за жените, кои сакаат да бидат модерно облечени, но немаа пари секогаш да си го купат она што го сакаат“, велеше таа.

Aenne Burda
Модна ревијаФотографија: Verlag Burda Russia

Ене Бурда беше женската галионска фигура на германското економско чудо. Родена како ќерка на железничар во Офенбург, во Баден, уште од млади години сакаше да се искачи високо во општеството. Кога имаше 17 години си ги истрижа, како што самата велеше, здодевните плетенки и носеше атрактивна, кусо пострижена фризура. Името Ана Магдалена и` звучеше старомодно и се преименува во Ене. Таа блесна во сивото повоено време. Беше жена која сакаше секогаш да биде убава, успешна и среќна. Ене сакаше да направи кариера, да го искуси животот, да има деца и самата да заработува пари. Како жена сакаше да постигне се’ што може да постигне и еден маж. Се омажи со издавачот Франц Бурда и роди три сина.

Најмладиот, Хуберт Бурда, за побудите на мајка му вели: „Тоа звучеше вака: ’Сакам жените, кои како мене ја преживејаа војната, повторно да бидат елегантни.’“

Verlegerin Aenne Burda mit Mann Franz Burda
Ене Бурда со сопругот ФранцФотографија: picture-alliance/ dpa

Тоа требаше да биде мода што може да се носи, а не париска бесмислица. Шансата, да ја оствари својата визија за елегантна жена преку шнит-мустри, Ене ја доби на куриозен начин. Сопругот ја изневеруваше, имаше и љубовница, дури и дете со неа. Ене долго време не знаеше за тоа. Нејзиниот дологодишен графичар, Освалд Мосер се сеќава: „Сите знаеја, само госпоѓа Бурда не знаеше. А кога откри, спобудале. Тогаш сенаторот рече: ’Знаеш што, отсега ќе правиш списание Бурда, можеш да го наречеш Бурда-мода’.“

Сенаторот Франц Бурда и` ја предаде малата пропадната издавачка куќа на својата сопруга во 1949 година, како еден вид извинување за неговото неверство. Ене од него направи светски позната фирма. Создаде модно списание со шнит- мустри за шиење. Списанието „Бурда -мода“ за првпат се појави во 1950 година, во тираж од 100 илјади примероци и чинеше 1 марка и 40 фенинзи.

Приказната за успехот

Cover Burda Moden auf russisch
Руско издание на „Бурда - мода“Фотографија: picture-alliance / dpa

Тиражот порасна на четири милиони. Железната завеса само малку се подотвори, а Ене со нејзиното списание „Бурда - мода“ веќе беше присутна во Источна Европа, Русија, а подоцна дури и во Кина. Жените во повеќе од 120 земји во светот си ги шиеја фустаните по упаството на Ене. Нејзината издавачка куќа и` беше се`, за Ене семејството честопати беше во втор план: „Мојот сопруг си го живееше својот живот, јас си го живеев мојот. Децата имаа се’. Ние бевме самостојни.“

Ене Бурда ја водеше нејзината издавачка куќа 45 години. Кога имаше 85 години се повлече. Почина во 2005 година, на возраст од 96 години. Денеска (28.07.09) Ене Бурда ќе наполнеше 100 години. Нејзните шнит-мустри се’ уште постојат - денес главно на интернет.

Автор: Бенјамин Вист / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска