1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на германската воена воздржаност?

Алојз Бергер / Симе Недевски20 февруари 2014

Канцеларката Меркел деновиве „срамежливо“ најави поголем германски ангажман во Африка, како и потесна воена соработка со Париз. Дали овојпат мислеше сериозно, се прашуваат сојузниците во Франција и во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1BBvy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Контурите на новата германска надворешна политика продреа во јавноста во завиена форма преку едно видео-подкаст интервју кое канцеларката Ангела Меркел ѝ го даде на една соработничка на Германско-француската младинска организација. Онака попатно Меркел изјави „ Ние ја поддржувавме француската вијска во Мали, со тоа што помагавме при полнењето на авионите со гориво“. Но тогаш го кажа она суштинското: „Тука има можност за уште повеќе“ .

Никој не би ѝ противречел, бидејќи германско-француската воена соработка постои веќе 25 години и двете земји имаат заедничка бригада од 6000 војници, но таа никогашне била во акција, иако тоа Французите повеќе пати го сакаа. Франција веќе со години ја моли Германија да ѝ помогне во воените мисии во Африка, меѓутоа Германија го одбива тоа, дури и кога станува збор за хуманитарни акции. Од Берлин се испраќа по некое медицинско лице, офицер за обука или материјал - и тоа е сѐ.

Економски џин, политичко џуџе

Deutsch-Französische Brigade Soldaten Deutschland Frankreich
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во изминатите четири години, според мислењето на Французите, биле посебно разочарувачки. Додека Германија економски стануваше сѐ понадмоќна, надворешно и безбедносно-политички земјата, под водство на канцеларката Меркел, стануваше сѐ помала. Поранешниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле таа политика ја нарече „култура на воздржаност“. Штефан Зајдендорф од Германско-францускиот институт во Лудвигсбург вели дека во Франција многумина се прашуваат дали воопшто Германија и натаму е способна и подготвена да биде сојузник.

Само имајќи го тоа предвид може да се сфати таа кратка и претпазлива изјава на Ангела Меркел и целата низа коментари кои таа ги прдизвика, како во Германија, така и во Франција. Притоа се говори за пресврт во германската надворешно-безбедносна политика. Освен тоа, новата владина коалиција во Берлин и онака настапува поинаку од претходната влада. И Франк-Валтер Штајнмајер, актуелниот министер за надворешни работи, како и Урсула фон дер Лајен, новата министерка за одбрана бараат поголем ангажман на Германија во странство.

Меѓутоа, политикологот Зајдендорф смета дека зад сето тоа не стои значајна промена на ставот на Германија, туку сѐ поголемата нетрпеливост на партнерите во Европската унија. Францускиот претседател Франсоа Оланд во повеќе наврати испрати посредна порака дека доколку Германија не сака позасилено воено да се ангажира во странство, Франција ќе бара други партнери.

Изнервирани сојузници

Канцеларката очигледно ја сфатила пораката. Меѓутоа, засега има малку назнаки дека нешто и навистина се променило. Меркел, за волја на вистината, неодамна во Брисел даде согласност за воена мисија на ЕУ во Централноафриканската Република со цел да се прекине крвопролевањето меѓу муслиманите и христијаните, меѓутоа воениот дел им го препушти на другите, а згора на тоа сака да спречи ангажман во ЦАР на единицата за брзи интервенции на ЕУ. Имено, во јуни годинава, според принципот на ротација, војници во таа единица треба да испрати Германија, а Меркел сака по секоја цена да спречи припадници на Бундесверот можеби да бидат принудени да се борат во ЦАР. Поради тоа, Германија сега се обидува да ја испита ситуацијата и да види дали наместо тоа би можела во Мали да биде ангажирана заедничката германско-француска бригада. Тоа би имало одредена симболична вредност, а Централно-африканската Република би останала „одговорност“ на Франција.

Bundeswehr in Mali
Фотографија: picture-alliance/dpa

Многу партнери во ЕУ се изнервирани поради тоа што Германија секогаш само кажува што сака, наместо конечно да предложи подобра безбедносна политика. Токму во Африка Германија би можел да преземе поголема одговорност, со оглед дека судирите на тој континент се подлога за ширење на исламизам и нови бегалски бранови, смета Зајдендорф.

Освен тоа, Германија би можела да и‘ помогне на Франција која е на пат да ја корегира својата политика во Африка, смета Зајдендорф: „Токму во поранешните француски колонии, помошта од Европската унија кај народот би била подобро прифатена од помошта од Франција, кон која сѐ уште се сомничави. “