1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на дискриминацијата за македонските бегалци од Грција!

Тони Гламчевски20 октомври 2008

До Парламентарното Собрание на Советот на Европа е поднесена предлог резолуција во која се бара запирање на дискриминацијата на која се изложени Македонците - политички бегалци од граѓанската војна во Грција.

https://p.dw.com/p/FdVS
Советот на Европа

Во предлог-резолуцијата доставена до Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) се бара од грчката Влада веднаш да ја сопре дискриминацијата врз етничките Македонци - политички бегалци од граѓанската војна во Грција. Се бара измена на грчките закони со што на бегалците, етнички Македонци, ќе им се дозволи да си го вратат одземеното грчко државјанство и имотот во Грција.

Истовремено, на Парламентарното собрание на Советот на Европа му се препорачува да ja преиспита ситуацијата. Потписниците на предлог – резолуцијата, нагласуваат дека Грција, како земја членка на Европската конвенција за човековите права и на меѓународната конвенција за елиминирање на сите видови на расна дискриминација, правно е обврзана да не спроведува дискриминација по етничка основа.

Иницијаторот на Резолуцијата е Герт Ламберт

Оваа Предлог-резолуција, иницирана од белгискот парламентарец Герт Ламберт е логичен чекор, откако тој пред Комитетот на Министрите (извршниот орган) го постави прашањето за дискриминацијата на Македонците - бегалци од граѓанската војна во Грција. Оттогаш помина повеќе од една година и Ламберт сé уште чека одговор на прашањето.

„Мислам дека за тоа постојат многу причини. Но, јасно ми е дека кога ќе се отвори еден нов проблем, почнуваат да функционираат механизми со кои сака да се докаже дека таков проблем не постои“ – рече неодамна Ламберт во интервју за Дојче Веле.

Тој знае за проблемот, бидејќи бил директно запознат од претставниците на македонското малцинство во Грција, кои му дале докази за дискриминацијата на која се изложени.

Широка поддршка за Резолуцијата

Во предлог-резолуцијата, поддржана од 20 пратеници од 13 држави, најнапред се потсетува дека илјадници грчки државјани побегнале од Грција по граѓанската војна (1946-1949), поради што им биле одземени нивните државјанства и имоти. Во осумедесетите години, Грција носи два закони за Амнестија (законот бр. 106841 од 1982) и за враќање на имотите (законот бр. 1540 од 1985) со кој на политичките бегалци „Грци по род“, односно етнички Грци им се враќа државјанството, и им се дозволува да побараат враќање на имотите, но со законите не се опфатени етничките Македонци и другите не-Грци.

Мнозинството од овие етнички Македонци, погодени од ова дискриминација, денес се на седумдесетгодишна возраст и живеат во повеќе европски земји, како и во Австралија, Канада и САД.

Grenzgebirge Mazedonien Griechenland
Граничниот регион меѓу Македонија и ГрцијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Нивниот проблем бил забележан од Европската комисија за борба против расизмот – ЕКРИ, која им препорачала на грчките власти да ги преиспитаат спорните закони, за да можат и овие лица да ги уживаат истите права како и „Грците по род". Но за жал, Грција продолжува и понатаму упорно да одбива да ги укине дискриминаторските мерки во двата спорни закони, стои во предлог-резолуцијата.

Расправа во текот на наредниот месец

За Предлог-резолуцијата најверојатрно ќе расправа Бирото на ПС на СЕ, кон крајот на ноември оваа година. Ако истата биде прифатена, Комисијата за политички прашања на ПС на СЕ ќе треба да изработи извештај.

Поставувањето на ова прашање пред ПС на СЕ, најмногу се должи на напорите и активностите на „Европската Слободна Алијанса –Виножито“, која на повеќе наврати во Стразбур и Брисел лобирала и ги запознавала европските институции со ова, за нив до сега непознато и игнорирано прашање.

„Убеден сум јас лично, но и ние сите во „Виножито“ дека ќе има нови посети од експерти и од претставници на меѓународни организации во Северна Грција. За жал, тука има конкретни случаи на непочитување на елементраните човекови права“ – рече Павле Воскопулос од „Виножито“ при последната посета на Стразбур, каде лобира токму за ова прашње.