1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на митот за Туарезите

Александар Гебел / Симе Недевски9 јули 2012

Реалноста го урна измислениот мит за Туарезите како мирољубив и великодушен народ. Денес наместо на чело на романтичните каравани, Туарезите низ пустината крстарат на џипови вооружени до заби.

https://p.dw.com/p/15RdY
Фотографија: picture-alliance/dpa

По соборувањето од власт на либискиот властодржец, полковникот Моамер ел-Гадафи, многу Туарези кои се бореа во Либија, се вратија назад во татковината, во северен Мали, вооружени до заби. Започнаа востание за независност и прогласија туарешка држава - „Азавад“. Со нив во пакет се појавија и радикални исламски екстремисти, блиски на Ал Каеда, добро искористувајќи го моментот. Последица од сето тоа не е само уништено светско културно наследство, туку и крвава борба за власт во северен Мали и конечно крај на еден мит.

Митот разнесен

Заоѓање на сонцето. Каравани шармантно се влечкаат преку пустинските дини, силуети на камили натоварени со сол се оцртуваат на песокот. Мажи во сина облека јаваат на чело на караванот. Тоа е претставата за Туарезите во светот, потхранувана од копнежот за авантура и од магијата на пустината. Таквиот имиџ долго им беше од полза и на самите Туарези, на пример за време на познатиот музички „Пустински фестивал“. Од 2000-та година илјадници туристи од Западот се собираа во оазата Есакана, северно од легендарниот град Тимбукту и го славеа митот за Туарезите.

Mali Tuareg vor Moschee in Timbuktu
Традиционалната облека на ТуарезитеФотографија: Reuters

Митот сега е разнесен како песокот низ пустината. Наместо туарешки каравани низ пустината минуваат џипови полно со намуртени забрадени мажи со калашњикови и црни исламистички знамиња. Денес и меѓу Туарезите има шверцери на дрога и на луѓе, киднапери, терористи и трговци со оружје. Во Сахара добро се заработува, а наместо злато и сол денес во игра се цигари, оружје или кокаин. Морална пропаст или прагматична метаморфоза?

Трагична приказна од колонијализмот

Flash-Galerie Tuareg
Фотографија: AP

„Номадските пастири во вистинска смисла на зборот постоеја до 19. век. Ситуацијата се промени, често во негативна смисла. Станаа бизнисмени. Се’ уште ги користат големите пустински пространства, само на поинаков начин. Меѓу другото се појавија криминални банди, верски фундаменталисти кои безмислосно ја користат новонастанатата ситуација, често со помош на сите средства на модерната технологија“, тврди Дауда Маига од Кидала, град на далечниот север на Мали.

Туарезите самите го уништија својот мит. Всушност, тоа е една трагична приказна, чија причина лежи во произволното исцртување на границите на африканските држави од страна на колонијалните сили, пред се’ Франција. Без никој да ги праша, Туарезите се најдоа расштркани во неколку различни држави, и оттогаш се борат за независна држава. Многу млади Туарези од протест против режимот во Мали во 70-те и 80-те години од минатиот век се преселуваат во Либија, каде во воените логори на Гадафи се обучувани за герилци. Подоцна тие големи востанија безмилосно беа задушени, особено во текот на 90-те години. Насилството раѓа насилство - Туарезите во суштина се мирољубив и љубезен народ, но и горделив, така што е логично дека ќе им станат непријатели на оние кои им чинат зло.

Исламистите во подем

Сега, што е уште потрагично, станаа жртви на сопствената гордост. Додуша секуларното бунтовничко движење МНЛА по борбите во април прогласи секуларна туарешка држава Азавед, но по висока цена. Во нивната заднина, имено дејствуваше силното радикално-исламистичко движење „Ансар Дине“, кое го води моќниот Туарег, Ијад Аг Гали. Овој Гадафиев борец на располагање има пари, оружје и најдобри контакти со Ал Каеда од исламски Магреб. Мнозинството Туарези не го поврзуваат многу нешта со исламските екстремисти, но желбата за независна држава во прегртатките на „Ансар Дине“ однесе и музичари како Ибрахим Аг Алхабиб, доскорешен лидер на музичката група Тинаривен, добитничка на наградата Греми. Очајнички сојуз со ѓаволот, чии последици се’ уште не можат да се предвидат. Исламистите во Тимбукту уништија светско културно наследство, што буди лоши спомени на уривањето на големите статуи на Буда во Авганистан од страна на талибанците.

Krise im Norden von Mali
Борците на „Ансар Дине“Фотографија: Reuters

Соништата на Туарезите, митовите, надежите, под жешкото сонце на Сахара се претвораат во фатаморгана, а низ постинскиот воздух и натаму отсјајуваат лажните слики на великодушни мажи во сино.