1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на ситните евро-монети?

Фридел Таубе/ Жана Ацеска19 мај 2013

Монетите од еден и два центи со боја на бакар се на удар на критика: нивното производство е скапо a класирањето во трговијата на мало комплицирано. ЕК затоа размислува за укинување на најситните пари.

https://p.dw.com/p/18aeS
Фотографија: Fotolia/PA

Во време на еврокриза се‘ погласни се барањата за укинување на еврото, на пример од страна на германската нова партија Алтернатива за Германија, која најрадо уште утре би се ослободила од заедничкото парично средство.

Она што моментно го проверува еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен во Брисел, е делумно укинување на еврото. Не еврото како парична единица, туку најситните монети, оние од еден и од два центи. Тоа го побараа Европскиот парламент и Советот на Европската унија. Резимето на Рен по првите сондирања на мислењата меѓу различни претставници на економијата и политиката: „Производството на парите од еден и два центи е јасна деловна загуба“.

Монетите поскапи од нивната номинална вредност

Цената на производството на кованите пари, кои се состојат од железо и надворешен слој од бакар, ја надминува нивната номинална вредност. Кон тоа се надоврзуваат значителни трошоци поврзани со распределбата на монетите во трговијата на мало. Европската комисија признава дека разликата меѓу трошоците на производство и номиналната вредност на најситните монети од воведувањето на заедничката валута веќе достигнаа над 1,4 милијарди евра.

EU-Währungskommissar Olli Rehn Vorstellung der Frühjahrsprognose 2013
Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Во Финска и во Холандија плаќањето без еден и два центи е веќе реалност уште денес: сите цени се заокружени на пет центи, па најмалите ковани пари веќе не се во оптек. За Германија ова е неприфатливо сценарио, истакнува Штефен Хертел, референт за печат на Трговскиот сојуз на Германија:

„Постојат соодветни анкети, како на Бундесбанката, кои покажуваат дека големо мнозинство од потрошувачите радо би ги задржало монетите од еден и два центи“.

И трговијата на мало е со сличен став, меѓу другото и поради долгогодишната практика, од психолошки причини, на утврдување на цените со износ од 99 центи по запирката:

„Тоа не би можеле да го направиме без паричките од еден цент“.

Скапо снабдување со пари

Во Германија надлежна за обезбедување на трговијата на мало со ситни пари е Бундесбанката. Уште во 2002 година банката, за да заштеди, го намали бројот на филијали, непрактично за сите трговци кои парите во кеш сакаа лично да ги подигнат од Бундесбанката. Карл Лудвиг Тиле, задолжен во Бундесбанката за снабдувањето на трговијата на мало со пари во готово, тоа го оправдува во разговорот за Дојче веле:

„Ние како Бундесбанка не сме должни да имаме насекаде свои филијали“. Зашто, и Бундесбанката мора да се грижи за економски исплатливо работење. А за крајниот потрошувач и така тоа воопшто не игра улога, смета тој.

Но, трговијата на мало упатува јасна критика на курсот на штедење на Бундесбанката:

Carl - Ludwig Thiele
Карл Лудвиг ТилеФотографија: picture-alliance/ dpa

„Уште во времето предупредувачки го подигнавме прстот истакнувајќи го неповолниот тренд“, вели Хертел. Освен тоа, трговијата на мало се жали на уште една друга мерка на Бундесбанката, со која поскапува снабдувањето со ситни пари. Зашто, Бундесбанката уште во 2011 година реагираше на енормните транспортни трошоци и ги издаваше евро-монетите затоа само во т.н. нормконтејнери. Тие содржат, пресметувајќи ја цената на сите монети заедно, 314.000 евра. Постојат стандардно осум заедно поврзани контејнери, за секоја монета по еден. Нормконтејнерот за ситните пари содржи 2500 евра во апоени од еден цент и 4.000 евра во апоени од два центи. Тоа е вистински предизвик за многу ситни трговци, зашто помалите нарачки се можни само со плаќање одредена такса.

Ситните пари скапи за трговијата на мало

Укинувањето на монетите од еден и два цента во овој случај би помогнало, признава Хертел.

Независно од тоа колку чини распределбата на парите во готово, Бундесбанката нема никаков план да ги повлече ситните парички од промет се‘ додека тоа не го сака мнозинството Германци, истакнува Карл Лудвиг Тиле. А се‘ додека еврокомесарот Оли Рен не дојде до недвојбен заклучок за неизбежно делумно укинување на еврото, и натаму во паричниците на Германците и Европејците ќе се собираат ситни бакарни парички.