1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвава ноќ во Египет

СН/ЕМФ/ртр/афп/дпа6 јули 2013

Во уличните борби меѓу приврзениците на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси во текот на вчерашниот ден (05.07) и ноќта загинале десетици, а повредени се стотици лица.

https://p.dw.com/p/19335
Фотографија: DW/M. Sailer

Според официјалните податоци на египетските власти, најмалку 17 лица загинале во крвавите судири во повеќе градови ширум земјата, а околу 300 лица биле повредени. Други извори говорат за најмалку 26 загинати. Улични борби меѓу противниците и следбениците на доскорешниот претседател Мохамед Мурси во текот на изминатата ноќ имало во главниот град Каиро, потоа во вториот по големина град во Египет - Александрија, а беше јавено и за судири во Суец и провинциите во делтата на Нил, Дамиета и Бехеира. Египетската армија се обиде на повеќе места со масивна интервенција да ги држи разделени двата непријателски табори. Во Каиро, инаку, за поттикнување на насилство беше уапсен Хаират ал-Шатер, кој важи за главен стратег на исламистичките Муслимански браќа, на кои им припаѓа и соборениот претседател Мохамед Мурси. Ел Шатер бил уапсен во еден стан во источен Каиро заедно со неговиот брат поради сомневање дека организирале напади врз антивладините демонстранти во изминатите недели во Египет. Се верува дека Ел Шатер, кој по функција е заменик претседател на Муслиманското братство, сепак е највлијателна фигура во организацијата.

Proteste von Mursi Anhängern in Ägypten nach Sturz des Präsidenten 05.07.2013
Фотографија: DW/M. Sailer

Апел на Бан Ки Мун за прекин на насилството

Муслиманското братство најави дека без оглед на ескалацијата на насилството ќе ги продолжи своите маршеви, чија цел е повторно враќање на Мурси на претседателската функција.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во меѓувреме изрази загриженост поради насилството меѓу демонстрантите, билансот на настрадани во безредијата и „ужаснувачките извештаи за сексуално насилство“ . Бан ги предупреди Египќаните од последиците од натамошно „одмаздување“. „Сите важни партии и заедници мора да покренат демократски дијалог и да бидат вклучени во мирен политички процес“, порача генералниот секретар на ОН.

Египетската војска во средата (03.07), по повеќедневните протести против претседателот на државата во кои загинаа десетици луѓе, го суспендираше уставот на Египет и го симна Мурси од функцијата, а потоа и го уапси и најави одржување на предвремени претседателски избори.