1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвави судири во Украина

ЖА/ ард/дпа/афп/ртре19 февруари 2014

Борбата за власт во Украина се заканува да излезе целосно од контрола. Откако полицијата упадна на Плоштадот на независноста, демонстрантите повторно подигнаа барикади. Во најновите судири има најмалку 25 загинати.

https://p.dw.com/p/1BBKr
Фотографија: Reuters

По најновата ескалација на насилството, украинскиот претседател Виктор Јанукович ѝ објави војна на опозицијата. Според него, лидерите на опозицијата ги погазиле основните принципи на демократијата, власта се добива не на улица и плоштади, туку во изборни единици. Тој рече дека опозицијата ја преминала границата откако ги повикала луѓето да земат оружје, а според него тоа е „непочитување на законите“. Ако опозициските лидери не се дистанцираат од радикалните демонстранти, Јанукович е подготвен да води со нив поинакви разговори, се закани претседателот.

„Престапниците треба да бидат изведени пред суд кој ќе им додели казни. Тоа не е мој повик, тоа е моја обврска како гарант за Уставот – да обезбедиме мир во државата.“, потенцира Јанукович во обраќањето до нацијата.

Ukraine Protest Eskalation und Gewalt 19.02.2014
Фотографија: Reuters

Кризната средба заврши без резултат

Изјавите на шефот на државата ја потпалуваат и онака тензичната ситуација во Украина. Синоќешната кризна средба на лидерите на украинската опозиција со претседателот Јанукович заврши без резултат. Украинскиот опозициски лидер Виталиј Кличко изјави дека ги напушил преговорите, откако Јанукович побарал од демонстрантите итно да го напуштат плоштадот „Независност“ во Киев. Според опозицискиот лидер, претседателот „не е способен“ реално да ја оцени состојбата во земјата.

Лидерот на парламентарната група на украинската опозициска партија „Татковина“ Арсениј Јацењук изјави дека на преговорите со претседателот Виктор Јанукович претставниците на опозицијата барале „неодложно прогласување примирје и повлекување на силите, за да се спаси животот на луѓето“.

Јацењук изјави дека Јанукович ѝ предложил на опозицијата „во практика да се предаде и да ја напушти територијата на плоштадот Независност“. Опозицискиот лидер изјави дека откако не е прогласено примирје и „властите немаат желба за тоа“, Украина е на „прагот на најдраматичната страница“ во својата историја.

„Ние ќе останеме со луѓето. На плоштадот Независност има мирни луѓе и тие имаат право да останат и да продолжат со мирниот протест“, рече Јацењук.

Ukraine Protest Eskalation und Gewalt 19.02.2014
Фотографија: Reuters

Ескалација на ситуацијата

Борбата меѓу опозицијата и владата која трае со месеци, вчера целосно излезе од контрола. Според официјалните информации, загинале најмалку 25 луѓе во уличните судири. Министерството за внатрешни работи соопшти за деветмина убиени полицајци. Меѓу жртвите има и еден новинар. Властите тврдат дека има над илјада повредени.

Ситуацијата во Киев и ноќеска остана експлозивна. На полноќ беше запален главниот штаб на антивладините демонстранти, зградата на синдикатите. Очевидци сведочат за драматични сцени, луѓето се обидувале да се спасат на сите начини, а пожарникарските екипи дури утринава успеале да го стават огнот делумно под контрола.

На Мајдан се собрани илјадници демонстранти, спротиставувајќи се на масивните полициски сили. Во центарот на Киев има пожари на сите страни.

Вчерашното насилство по сѐ изгледа е предизвикано од напад врз полициски пункт. Одговорни за него се радикални демонстранти или провокатори уфрлени од страна на власта.

Амбасадата на САД во Украина ги повика сите американски државјани во Киев да не излегуваат надвор, да го избегнат насилството по улиците. Американската влада го повика украинскиот претседател Јанукович итно да го спречи конфликтот.

Опозицискиот лидер Витали Кличко пак побара интервенција од Западот. Западните држави не смеат да гледаат немо „како еден диктатор го убива својот народ“, изјавил Кличко според соопштение на неговата партија Удар.