1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвопролевање пред пекарница

ЕМФ/дпа/дапд24 декември 2012

Специјалниот пратеник за Сирија Лакдар Брахими денеска, според најави од либиската влада, треба да разговара со сирискиот претседател Башар ал-Асад. Брахими е во Сирија од вчера, кога во воздушен напад загинаа 60 луѓе.

https://p.dw.com/p/178No
Фотографија: Reuters

Спиралата на насилство во Сирија се врти и натаму. Во воздушен напад врз пекарница во Халфаја, во близина на градот Хама, загинаа повеќе од 60 луѓе. Сириски активисти ја обвинуваат владата дека со напади врз цивили се одмаздува за најновите воени успеси на бунтовниците. „Халфаја беше првата и најголемата победа во околината на Хама. Затоа режимот казнува на овој начин“, изјави Мусаб Алхамади, зборувајќи притоа за тешките борби што во последно време бунтовниците ги водеа со владините сили во тој регион.

Во нападот што се случи вчера (23.12) загинаа најмалку 60 лица, а околу 50 се во критична сосотојба, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон. Се стравува дека бројот на загинати ќе се зголемува. На видео снимки објавени на интернет може да се видат луѓе кои трчаат кон уништената пекарница и извлекуваат тела од под урнатините. Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч уште летоска го обвини режимот на претседателот Башар ал-Асад дека врши воени злосторства, односно дека владините трупи целно гаѓаат цивили, кои поради лошата ситуација со храна чекаат пред пекарниците во голем број.

Во меѓувреме, радикални исламисти најавија дека по падот на Асад сакаат да создадат божја држава во Сирија. Нивна цел е исламско општество кое ќе функционира според шеријатското право. Се‘ повеќе влијание добиваат и џихадистите во земјата. На северот на земјата, како и во регионот на Дамаск, се шири таканаречениот Ал Нусра - фронт, кој од страна на САД неодамна беше прогласен за терористичка организација.