1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кремљ се претвора во акционерско друштво

24 август 2006

Политиката и стопанството во оваа Русија се потесно се поврзуваат. Кремљ се враќа се повеќе кон тоа да стане доминантно акционерско друштво: во моментов контролира скоро една третина од руската нафтена индустрија. Подржавувањето на еднаш веќе приватизираните фирми е скоро секојдневје:

https://p.dw.com/p/AeL2
Кремљ
КремљФотографија: AP

Рускиот градител на атомски централи „Атом-строј-експорт„ повторно е во рацете на државата. Фирмата за трговија со оружје „Розо-борон-експорт„ која е во државна сопственост, соопшти дека презема 51 процент од најголемата фирма за производство на титаниум - „Ависма„.

Скоро секој ден руските медиуми јавуваат за повторно подржавување на приватните фирми или за такви планови на Кремљ. Вниманието е насочено кон подрачјето на суровините: гас, нафта, минерали, метали, но и автомобилскиот сектор, потоа воздушниот и бродскиот сообраќај, како и машинството. Причината за тоа се бара во докторската дисертација на Владмир Путин пред десетина години. Таму пишува:„Без поддршка на државата и создавањето поголеми финансиско-индустриски компании, не е можно рамноправно да им се конкурира на транс-националните концерни од Запад„.

Вториот мотив на Кремљ за градење на државното стопанство е засилувањето на Русија како светска сила. Дмитри Путилин, заменик главен уредник на економското списание „Фузии и преземања„ оценува:

„Да, тоа може да биде елемент на политиката. Руската економија расте и зголемувањето на нејзиното влијание врз светското стопанство ќе придонесе кон тоа Русија и на политчки план да биде посилна. Очигледно е поставена таа цел, и од аспектот на интересите на Русија, таа цел е оправдана и исправна„.

Од доаѓањето на Путин на власт пред 6 години, државниот удел во нафтената индустрија на пример, порасна од 7 на преку 30 проценти. По желба на Кремљ, најбогатиот Русин, Абрамович својата фирма „Сибнефт„ му ја продаде на „Газпром„. Државната фирма „Роснефт„ ја презеде посестримата на уништениот „Јукос„ и сега е вториот најголем исцрпувач на нафта во Русија. Кремљ заедно со мнозинскиот капитал, инсталира и блиски луѓе на претседателот во управните и извршните одбори на фирмите.

Во Русија, политиката „Кремљ - АД„ наидува на широка поддршка. Критичари, како поранашениот советник за стопанство на Путин, Иларионов, има се помалку. Тој зборува за монополистички државен капитал и за ќорсокак за Русија. Приврзениците на ренационализацијата пак, аргументираат дека оваа политика треба да се разбере како последица од крахот во 90-сеттите години. Константин Кисељев, уредник на интернет весникот близок до владата „Отворена економија„:

„За многу прашања акциите на Кремљ се последица на страв. По железната завеса, по хаотичната состојба од 90-сеттите години, подобро ќе разбереме дека живееме во отворена економија во која за само еден час можат да се случат непријатни работи или пријатни, како зголемувањето на цената на нафтата. Кремљ се обидува да се осигура„.

Редакторот Путилин вели дека државата подеднакво ефикасно стопанисува како и приватните фирми:

„Освен тоа, искуството од минатите години покажа дека бизнисот не може да им се препушти на приватни луѓе. Кога ќе стекнат милијарди, влегуваат во политиката. И почнуваат, како што е точно опишано во романот на Достоевски „Демони„, да предлагаат какви и да се идеи непотребни за Русија„.