1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кривични пријави за истуткани униформи

28 декември 2010

Секторот за внатрешна контрола на МВР годинава има поведено преку илјада постапки против свои вработени, обвинувајќи ги за прекршување на професионалните стандарди. Дали со тоа се подобрува имиџот на полицијата?

https://p.dw.com/p/QjMe
МВР ги подредува сопствените вработениФотографија: Petar Stojanovski

Македонското МВР, преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, во едианаесет месеци од 2010 година има поведено 1.129 постапки за свои вработени, заради сторени кривични дела, повреда на работната дисциплина или сторена материјална штета. Притоа, против 24 вработени има поднесено 23 кривични пријави, а на 12 полицајци им има поделено откази. Но, дали е тоа доволно за да се смени кодот кај полициските службеници за професионално работење и дали казните имаат ефект врз менувањето на имиџот на полицијата во очите на граѓаните? Експертите велат дека ова е само „шминка“ и изместување на надлежностите на внатрешната контрола на МВР.

Огромниот дел од постапките на службата за внатрешна контрола и професионални стандарди се однесуваат на спиење на работно место, пушење во службени простории, неуредни униформи, неплаќање патарина, несовесна употреба на оружјето и опремата, како и оштетување службени автомобили. Само мал дел се однесуваат на сторени тешки кривични дела и тоа најчесто за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а под оваа формулација спаѓаат корупцијата, искористувањето на позицијата за личен интерес, неспроведување постапка и слично.

Отказите, пак, се делат за тешки прекршувања на законот или дисциплински дела. Годинава се поделени пет пати помалку откази од лани, 12 во однос на 66.

„Кога станува збор за отказите, главно станува збор за сторени тешки кривични дела, или за поголеми прекршувања на работната дисциплина или непочитување наредби од старешини, доколку тоа има поголеми консеквенци во однос на натамошната постапка“ вели Иво Котевски, портпарол на МВР.

МВР опстојува на политиката на „нулта толеранција“ за корупцијата

Mazedonien Land und Leute Polizei
„Полицијата мора да биде сервис на граѓаните“ - КотевскиФотографија: Nikos Pilos

Дали оваа ревносност на министерството да го гони и криминалот и непрофесионализмот во својот двор има одек меѓу вработените во зголемување на нивината дисциплина, будност, лојалност и професионалност?

„Тешко е да се каже, но останува определбата за најостро санкционирање на сите пропусти што ќе бидат регистрирани. МВР нема да отстапи од политиката на нулта толеранција кон каков било криминал или пропусти на полициските работници. Се надеваме дека таа допира до сите нив и дека ќе сфатат оти мора да бидат сервис на граѓаните и доследно да ги извршуваат своите функции“, додава Котевски,

Колку оваа служба на МВР може да помогне во менувањето на имиџот на полицијата меѓу граѓаните? „Многу може да придонесе за мислењето на граѓаните за полицијата. Кога се прават истражувања за оваа сфера, гледаме висок степен на недоверба на граѓаните кон полицијата, посебно во сферата на пријавувањето на криминалот и криминалните случаи“ вели Слаѓана Тасева од „Транспарентност-нулта корупција“, која и смаата пред повеќе години работеше во полицијата.

Тасева: Високо ниво на недоверба кон полицијата

Gymnaisum in Tetovo Mazedonien
Полирање на имиџот на полицијата во очите на граѓанитеФотографија: DW

Таа смета дека оваа полициска единица, која е антикорупциската служба во самата полиција, го има изместено тежиштето на својата работа. Повеќе треба да се бори со криминалот и корупцијата во самата полиција, отколку со санкционирањето на дисциплината и работните односи.

„Професионалните стандарди или најголемиот обем на непочитување на овие стандарди се тука, во полицијата. Таа располага со огромен квантум на информации, што несоодветно или неселективно се користат, за да може да се влијае врз било какви сотојби. Значи, се прикриваат криминални однесувања, се затајуваат информации, за утре, евентуално да може да се добие некаква корист за некого. Сето тоа спаѓа во корупција, па дури може да доведе и до опасност за здружување на полицијата со криминалот“, додава Тасева.

Котевски и Тасева имаат различни мислења за имиџот, односно довербата на граѓаните во полицијата. За разлкика од Тасева, која вели дека граѓаните имаат високо ниво на недоверба кон полицијата, Котевски се повика на последното истражување на ОБСЕ, од ова лето, кога организацијата која секоја втора година го скенира ставот на граѓаните за работата на полицијата, покажа дека таа во очите на јавноста има значително зголемна доверба.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Трајче Тосев