1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кривични пријави за 14 учесници во протестите за учество во толпа

ЕМФ/миа/макфакс14 мај 2012

Македонското Министерство за внатрешни работи поднесе кривични пријави против 14 учесници во петочните (11.05) протести за учество во толпа што врши кривично дело.

https://p.dw.com/p/14v6V
Зградата на МВРФотографија: Petar Stojanovski

Идентификувани се дел од демонстрантите кои предизвикаа инциденти на протестите кои се случија во петокот, кога беа каменувани зградите на Владата и општината Чаир и беа повредени шестмина полицајци и двајца претставници на медиумите. Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против 14 учесници во протестите. Сите 14 лица се од Скопје на возраст од 18 до 39 години, а пријавите се поднесени по претходно направена консултација со обвинителството.

Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека на протестите полицијата интервенирала согласно проценките и ризикот во дадената ситуација: „Доколку се процени дека евентуалната интервенција на полицијата може да предизвика дополнителен проблем, тогаш полицијата ја одложува интервенцијата за подоцна“.

МВР работи на идентификација на останатите демонстранти кои во петокот предизвикале инциденти, но идентификацијата на малолетниците ќе одземе повеќе време, со оглед на тоа што МВР не поседува евиденција и фотографии од нив.

Илјадници Албанци протестираа против полициската акција „Монструм“. Протестите не беа најавени во МВР, туку се организираа на социјалните мрежи.

ЕУ бара да престанат протестите во Македонија

„Протестите се поради обемната истрага што македонските власти ја спроведуваат по убиството на младите рибари. ЕК има чиста позиција во врска со овие протести, а тоа е нашето барање истите да престанат и да се остават одговорните лица во Македонија на мир да го завршат процесот на истрага и лицата што го извршија тоа грозоморно убиство да одговараат соодветно, според законите на земјата“, потенцира денеска Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе.