1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Либија ја крева цената на нафтата

22 февруари 2011

Економски пулсирања - избор од стопански вести: Ново намалување на кредитниот рејтинг на Јапонија; Штрајкови во Германија; Зголемен извоз на кубански цигари

https://p.dw.com/p/10Ln9
Либиските нафтени наоѓалишта се затворени поради кризатаФотографија: AP

Со оглед на кризата во Либија денеска продолжи да расте цената на нафтата на азиските пазари на суровини. Скокот во Сингапур изнесува 6,75 долари и таму цената за барел сурова нафта достигна 92,95 долари. Либија е еден од најголемите производители на нафта во светот и има најголеми докажани наоѓалишта во цела Африка.

Ново намалување на кредитниот рејтинг на Јапонија

Рејтинг-агенцијата „Мудис“ денеска во Токио соопшти дека за првпат по речиси девет години го намали кредитниот рејтинг на Јапонија. Причина е загриженоста поради големата презадолженост на државата. Од истата причина минатиот месец и агенцијата „Стандард и Пурс“ го намали рејтингот на Јапонија.

Штрајкови во Германија

Предупредувачки штрајк на машиновозачите изутрината доведе до ограничувања во железничкиот и трамвајскиот сообраќај во цела Германија, а посебно во покраината Хесен. Синдикатот на машиновозачите бара за нив иста плата и еднакви услови во целата држава.

Flash-Galerie Wochenrückblick 07.2011
Штрајкот во германските железници остави многу патници без превозФотографија: picture-alliance/dpa

Проблеми денеска има и за претплатниците на „Телеком“. Околу илјада вработени во концернот стапија во предупредувачки штрајк во покраината Северна Рајна Вестфалија. Синдикатот бара за сите 105 илјади вработени во концернот покачување на платите за 6,5 проценти.

Зголемен извоз на кубански цигари

Во светот стапија во сила се’ повеќе закони против пушење, па сепак кубанската индустрија за цигари лани оствари пораст на пласманот за два процента и приход од вкупно 368 милиони долари. Ова се должи пред се’ на зголемениот број пушачи во Кина и на Блискиот Исток. По Шпанија и Франција, Кина стана трет најголем увозник на цигари од Куба, потиснувајќи ја Германија од таа позиција.

Автор: Ролф Венкел/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски