1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата на еврото го засенува самитот на Г20

Мирјам Герке / Зоран Јордановски18 јуни 2012

Ден по парламентарните избори во Грција, шефовите на држави или на влади на 20-те најважни индустриски и земји во подем се среќаваат во мексиканското летувалиште Лос Кабос. Кризата на еврото ќе влијае врз агендата.

https://p.dw.com/p/15Gk7
Фотографија: AP

Во Мексико всушност треба да се разговара за глобални теми - стабилизирање на светската економија, надминување на глобалните нерамнотежи, јакнење на финансискиот систем, натамошна реформа на меѓународната финансиска архитектура. Но, сите очи се насочени кон Грција, мала европска држава од која зависи судбината на еврото. Ако во вртлогот на кризата подлабоко бидат вовлечени Шпанија и Италија, тоа би можело да има глобални последици, предупредува Јерг Хинце од Институтот за светското стопанство од Хамбург:

„Ако дојде до економска криза во еврозоната, тоа би имало соодветни ефекти врз севкупното светско стопанство - би ги вратило назад земјите во забрзан подем, а уште повеќе земјите во развој. Поради тоа и тие земји имаат интерес да на дојде повторно до пад на стопанските активности како во 2009 - 2010 година“.

Flash-Galerie Frankfurter Buchmesse 2011
Кризата во еврозоната ќе влијае на агендата на самитот на Г20Фотографија: DW

За да се ограничи таа опасност, земјите од Г20 имаат намера на самитот во Мексико да договорат јакнење на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со дополнителни кредити од земјите-членки, на крајот треба една милијарда долари да стојат на располагање за спречување меѓународни кризи. Другите предлози за кои ќе се разговара во Мексико не се нови. Германскиот канцелар Ангела Меркел има намера да се заложи за построго регулирање на банките.

„Барањето е поставено уште од банкротот на банката Лиман брадерс. Но, недоволно беше спроведено“, забележува Јерг Хинце.

Таа американска инвестициона банка доживеа слом во септември 2008. Речиси две години подоцна ЕУ го востанови Европскиот систем за финансиски надзор, кој треба да ги надгледува банките, осигурувањата и берзите и, на пример, да забранува високоризични берзански бизниси. Неуспешно, смета Петер Вал од невладината организација Светска економија, екологија и развој.

„Со Банкиа и другите шпански банки стана јасно дека тоа не функционира, и покрај направениот стрес-тест на банките. И во САД го имаше случајот со банката ЈП Морган, во која еден бизнис донесе загуба од пет до шест милијарди долари. И таа банка пред тоа го положи стрес-тестот“.

Барањето на канцеларот Ангела Меркел, „ако затреба, и прекугранично да се реструктуираат или ликвидираат  банките“, Вал го смета за пожелно, но нереално.

G-20 Gipfel Los Cabos Mexiko Proteste masken
Активисти протестираат со маски на некои од учесниците на самитот на Г20, како што е претседателот на Бразил Дима Русев, претседателот на Јужноафриканската Република Јакоб Зума и германскиот канцелар Ангела МеркелФотографија: Reuters

И кај втората голема тема на самитот - данокот на финансиски трансакции, за кој се залага Германија, размислувањето од конкурентски позиции веројатно ќе спречи некакво меѓународно решение.

„Одделни земји, како Велика Британија, сосем отворено велат дека се против. Други, како САД, го велат тоа помалку отворено, но дејствуваат соодветно“, вели Јерг Хајнце од Институтот за светското стопанство од Хамбург.

Се’ додека данокот на финансиски трансакции не биде меѓународно воведен, не ветува ни многу успех.

Уште во предигра на самитот беше навестено дека државите од Г20 сакаат да ги наведат финансиски силните земји како Германија и Канада, да придонесат за повеќе импулси за стопански пораст. Ангела Меркел непосредно пред самитот ги отфрли таквите очекувања - силата на Германија не е бесконечна и таа не смее да биде преоптоварена; за стабилноста на светската економија сите носат одговорност - и Кина и САД, рече Меркел во четвртокот (14.06.2012) во Берлин.