1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризите во чекалница

4 февруари 2012

ВО САД наскоро ќе има избори, во Русија исто така. Важни одлуки и не треба да се очекуваат. Оттука - застој и на големата безбедносна конференција во Минхен. Хилари Клинтон, меѓутоа, беше љубезна кон Европејците.

https://p.dw.com/p/13x9P
Фотографија: dapd

Надвор беше навистина студено - минус 11 степени Целзиусови. Во добро загреаните хотелски простории кадешто се одржува Безбедносната конференција во Минхен, меѓутоа, студот може да се почувствува. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, учтив како секогаш, пријателски стави до знаење дека судирот околу антиракетниот штит во Европа не може да се надмине. Кинескиот вице-министер за надворешни работи Жанг Жијун енергично ги отфрли поуките на американскиот сенатор Џон Меккејн во делот на човекови права - кој на Тибет се самозапалува од протест, не го препознал големиот напредок во Кина. Подоцнежното ракување на двајцата беше кусо и без чувства.

За топлина се погрижи пред се‘ американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон. Таа водеше офанзива на шарм. „Кога претседателот Барак Обама вели дека Европа е столбот на нашиот ангажман во светот, тоа не се само зборови на смирување, туку е тоа стварност“, изјави Клинтон. И додаде: „Европа е и останува прв избор за нас кога станува збор за партнерите“. Во тој дел не заостана ниту американскиот министер за одбрана Леон Панета: „Европа останува наш најважен партнер во сферата на безбедноста и воените мисии, како и во дипломатското дејствување во светот“.

Иран само попатна тема

Големите кризи останаа во чекалница. Темата - атомски конфликт со Иран беше споменувана само случајно меѓу 350-те политичари, научници и други безбедносни експерти на конференцијата во Минхен. А што се однесува до судирот околу антиракетниот штит на НАТО во Европа, кој пред се‘ е судир меѓу САД и Русија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше јасен: ништо не се придвижува, ни сега, ниту во догледна иднина. Големата партија покер продолжува. И не се работи само за какви било ракети, туку за односот меѓу две супер сили и за ново ледено доба што се заканува.

München Sicherheitskonferenz 2012
Леон Панета и Хилари Клинтон во МинхенФотографија: dapd

Претседателските избори што претстојат во САД и Русија се причина за по прашањето на антиракетниот штит ништо да не се движи. Во Вашингтон Обама не смее да се прикаже како попустлив, во Москва Путин би стапил на неговата ново-стара функција на почетокот на мај. „До самитот на НАТО, на 20 мај во Чикаго, практично е невозможно да се постигне согласност. Веќе нема време“, изјави дипломат на НАТО. Тоа пак, од друга страна, значи дека НАТО во Чикаго може да ги прогласи за подготвени за употреба некои помали делови од антиракетниот штит, на што Русија можеби би одговорила со нови ракети.

Судир околу прашањето за Сирија

München Sicherheitskonferenz 2012 Lawrow Clinton
Шефовите на дипломатии на САД и Русија, Клинтон и Лавров, во Минхен се судриле и по прашањето на СиријаФотографија: Reuters

Американски претставник за агенцијата Ројтерс, изјави дека шефовите на дипломатии на САД и Русија, Клинтон и Лавров, во Минхен се судриле и по прашањето на Сирија. Разговорот на маргините на конференцијата беше „многу остар“, вели дипломатот. Клинтон ставила јасно до знаење дека Советот за безбедност уште денеска треба да гласа за резолуцијата со осуда на насилството во Сирија, додека Лавров повторил дека Русија ќе даде согласнот за резолуцијата, само ако таа се промени. Рускиот министер за надворешни работи, инаку, денеска најави и дека во вторник ќе отпатува во Сирија за да се сретне со претседателот Асад.

Автор: Дитер Ебелинг/ртр/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска