1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критериумите исти, ентузијазмот за проширување драстично помал

Горан Петревски5 ноември 2008

Македонија во моментов не е ништо помалку подготвена да стане членка на ЕУ,отколку земјите кои станаa членки на Унијата пред пет или десет години,вели во интервју за ДВ шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски

https://p.dw.com/p/FnqF
Министерот за надворешни работи на Република Македонија,Антонио МилошоскиФотографија: AP

Господине Милошоски, како Вие, како министер за надворешни работи, ја доживувате оценката за Македонија во најновиот извештај на Европската комисија ?

Мислам дека оценката има одредени основи на техничко ниво, но сепак не е сосема независна од политичкото влијание и вкупната атмосфера што се случува внатре во Европската унија. Иако критериумите за членство се навидум исти, сепак ентузијазмот за проширување и давање позитивни сигнали е драстично променет за разлика од климата која владееше во Унијата пред 10 години, кога се случи големото проширување на ЕУ. Сега и покрај тоа што критериумите се исти, мислам дека е зголемен надзорот и стриктното придржување кон определени формалности . Од друга страна, сето ова може да се опише и на поинаков начин. Имено, Македонија во овој момент не е ништо помалку подготвена да започне преговори за членство во ЕУ, отколку што беа подготвени земјите кои станаа членки на Унијата пред пет или десет години.

Во секој случај, во декември за Македонија ќе започне четвртата година како земја-кандидат, без натамошен чекор во евро-интегративниот процес. Чуствувате ли одговорност, со оглед дека ова е веќе трет извештај во кој нема да биде назначен датум за почеток на преговорите, кој Европската комисија ќе и` го испорача на владата на која Вие припаѓате?

Одговорноста не може да се одбегне, ниту, пак, да се апсолутизира во еден субјект во Република Македонија. Сметам дека оценката се дава за македонската држава севкупно и за повеќе политички актери кои се вклучени во овој процес, како што е Владата, Собранието, како што е претседателот на државата, но исто така и претставниците на поширокиот круг одлучувачи, односно актери во внатрешната политика во Македонија, како што се релевантните политички партии. Мислам дека она што најмногу влијаеше извештајот на Европската комисија уште еднаш да не ги исполни нашите очекувања, се инцидентите што беа предизвикани на неколку избирачки места за време на предвремените парламентарни избори. Сметам дека за нив сериозна одговорност носат определени политичари, кои раководеа со политичките партии, чии активисти се дрзнаа да го злоупотребат изборниот процес.

Господине Милошоски, пет дена пред објавувањето на извештајот на Европската Комисија бевте во официјална посета на Украина. Може ли тоа да се толкува како барање на нови источни сојузници, во период кога на Македонија, нејзините западни сојузници и испорачуваат услови кои не може да ги исполни?

Нашата прва посета заедно со вице-премиерот Боцевски, по добивањето на обновениот мандат по предвремените избори, беше во Брисел. Тоа беше јасен сигнал за определбата на Македонија во однос на европските интеграции. За нас тоа е најважниот надворешно-политички приоритет. Но, надворешната политика ниту почнува ниту завршува во Брисел. Македонија мора да ги одржува пријателските контакти што ги создавала во последниве 15 години, а Украина е токму една таква пријателска земја, која има своја тежина во регионот каде што се наоѓа, а исто така има и големина која за Македонија може да отвори економски перспективи, пред се`, за земјоделскиот и градежниот сектор.

Со оглед на непопустливата позиција на Атина во спорот за името, што мислите за тезата дека побрзо Белград и Приштина ќе воспостават дипломатски односи, отколку што Македонија и Грција ќе го решат меѓусебниот проблем?

Сметам дека и покрај тоа што постои овој спор, секојдневните односи, комуникацијата, трговската размена, туризмот меѓу Македонија и Грција ќе продолжат да имаат солидна динамика.

Таа некогаш ќе биде посилна, некогаш послаба, но се покажа дека е точна тезата дека дури и во најкритичните моменти по Самитот на НАТО во Букурешт, односите меѓу Македонија и Грција на многу нивоа, особено на трговски и меѓучовечко ниво, ја задржаа својата стабилност. Тоа покажува дека овој наметнат спор кој има внатрешно-политички димензии во Грција нема капацитет да ги загрози солидните односи меѓу двете земји.

Постои ли шанса за консензус во државно-владиниот врв околу прашањето за името?

Сега за сега тука имаме одредени предизвици, кои допрва треба да ги надминеме, но јас ценам дека како што ќе наближуваат претседателските и локалните избори наредната година, така и позициите во однос на ова важно национално прашање ќе бидат предизвикани кај секој политичар, односно ќе се отворат нови можности за преразгледување на ставовите и за креирање на усогласен став.

Ќе се случи ли наредната година целосно укинување на визите за македонските граѓани за патување во земјите од Европската унија, како еден вид утешна награда за недавањето на датум за почеток на пристапните преговори?

Визната либерализација не ја очекуваме како награда или утеха, туку како една одлука која ќе биде заслужена . Неспорно е дека република Македонија во регионот има постигнато најмногу и на технички и на координативен план, кога станува збор за координирањето на визниот центар и на граничното управување и издавањето на биометриски пасоши. И тоа високо се цени од страна на Европската комисија и од мнозинството земји-членки на ЕУ, така што визната либерализација што ја очекуваме во текот на 2009-та година ќе биде заслуга и на оваа и на претходните влади и во секој случај на сите институции кои вложија големи напори за придвижување напред на овој процес.

Кога Македонија ќе влезе во НАТО и кога ќе биде подготвена за членство во ЕУ?

Македонија ќе влезе во НАТО кога ќе бидат создадени поволни околности за тоа, кои се поврзани со спорот со Грција. Во секој случај, сметам дека политиката на блокирање од страна на Атина долгорочно е неодржлива. Таа може да создава некои краткорочни пречки, кои изгледаат ненадминливи, но нашата проценка е дека на долг рок капацитетот и стратегијата на НАТО да интегрира што повеќе земји во своите структури и оваа Алијанса да се прошири во цела Југо-источна Европа е поголем од капацитетот на една земја-членка на НАТО да го злоупотребува своето членство и да го блокира овој важен процес.

Може ли Македонија да опстане и да се развива како држава, ако подолго време остане надвор од овие меѓународни институции?

НАТО во своите редови прима земји-членки кои можат да придонесат со стабилност. Македонија ќе стане членка на НАТО и се квалификува да добие членство, токму затоа што покажа дека можеше и надвор од овие институции во изминавите 15 години да ја одржи својата политичка, економска и општествена стабилност, дури и да надмине одредени кризни ситуации и предизвици, како што беа оние од 2001 или од 1999-та година, за време на косовската бегалска криза. Затоа ценам дека токму таа стабилност што Македонија ја демонстира, како и виталноста да чекори напред и да ја одржува рамнотежата се најголемите аргументи зошто Македонија може да стане членка на НАТО и на тој начин да го даде и својот придонес кон стабилноста во регионот.

Во една ваша изјава рековте дека и по четири години има дневно-политички препукувања со Грција. Дали на тој начин се подготвува македонската јавност дека подолго време спорот нема да се реши и Македонија ќе остане надвор од НАТО и ЕУ?

Сакав да бидам реален и да кажам дека не треба нереално да се подгреваат надежите дека билатералниот спор со официјална Атина би можел да се реши преку ноќ. Ние посакуваме решението да се најде што е можно поскоро, но во секој случај, сите реални политичари и оние кои учествуваат во градењето на јавното мислење (меѓу кои и медиумите), треба да имаат предвид дека овој спор што трае 15 години, во кој главната пречка е непопустливоста на Атина и нејзините обиди насила да наметнат решение, може да ја одолговлекува целата постапка за изнаоѓање решение. Затоа тогаш, во еден друг контекст, истакнав дека со оваа владина коалиција, која има солидно мнозинство во македонското собрание, од Македонија ќе доаѓаат вести за политичка стабилност, надградување на мултиетничкото општество и солидни економски резултати.