1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кромидот ја урива индиската економија

Волфганг Бернерт/Б. Георгиевски1 ноември 2013

Во Индија вртоглаво расте стапката на инфлација, пред сѐ поради растот на цените на кромидот. Тоа е зеленчук кој најчесто се користи во домаќинствата како составен дел на националното јадење со кари.

https://p.dw.com/p/1A36c
Фотографија: DW/ Prabhakar

Речиси и да нема јадење со кари без кромид. Во Индија тоа е клучната состојка на храната. За стотици милиони сиромашни, кромидот е единствениот извор на витамини. Токму нив најтешко ги погодува растот на цената. На пазарите еден килограм кромид денес чини речиси 100 рупии, односно околу едно евро и 22 центи. Тоа е петпати повеќе отколку пред само три месеци.

Индиските политичари одговорноста за состојбата ја префрлаат врз трговците. Тие наводно вештачки ја зголемуваат цената складирајќи го кромидот во магацините.

Кај зеленчукот воопшто растот на цените е драстичен. Во септември, Индијците морале да издвојат 34 проценти повеќе отколку пред една година. Тоа е далеку повеќе од растот на животните трошоци. Последната стапка на инфлација изнесуваше 9,8 проценти.

Во меѓувреме индиската влада одлучи да откупи повеќе стотици илјади тони кромид од странство. Растот на цените на животните намирници за владејачката партија доаѓа во незгодно време. Најдоцна во мај следната година во земјата се одржуваат парламентарни избори.