1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кројката на буџетот и остварливоста

Костадин Делимитов21 септември 2013

Планираната рекордно тешка државна каса за догодина „на прва“ звучи оптимистички, посебно во делот на зголемените капитални инвестиции. Експертите сугерираат да се внимава, посебно во делот на управувањето со дефицитот.

https://p.dw.com/p/19lSt
Фотографија: Fotolia/TwilightArtPictures

Македонската Влада го скрои буџетот за 2014, но направи и мини ребаланс на оној за тековната. Државната каса догодина ќе тежи рекордни речиси 2,9 милијарди евра, со проектиран економски раст од 3,2%, три и пол отсто дефицит и инфлација од 3,3 проценти. Клучното зголемување е во делот на капиталните инвестиции кои се повисоки дури за 20% од проектираните годинава. Повеќе пари ќе се потрошат и за плати, пензии, социјална помош, поради владиното ветување за нивно покачување за пет проценти.

Дел од експертите сметаат дека проекцијата на ваков рекорден буџет е оптимистичко сценарио со оглед на трендот на економското опоравување кај домашната економија и главните трговски партнери на Македонија. Позитивен момент се зголемените капитални инвестиции, чија реализација ќе биде предизвик, но исто така и задржување на планираниот дефицит, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски:

„На прв поглед се забележува дека државата ги зголемува капиталните инвестиции кои во минатиот, односно оној за годинава, изнесуваа околу 14% од буџетот. Јас повеќе пати сум потенцирал дека доколку Македонија сака стапка на подинамичен раст и нови работни места, потребна и‘ е дистрибуција на буџетот 80/20, односно 20% за капитални расходи. Со зголемувањето на проектираните капитални инвестиции за догодина овој процент е поголем, по моја проценка околу 15,5%, што е сепак за поздравување. Сепак, планираното зголемување на плати, пензии, социјални надоместоци за 5% може да ја намали развојната компонента на буџетот и да ја стави во преден план социјалната компонента. Како и да е буџетот е повторно планиран со 3,5% дефицит, иако економската теорија и практика сугерираат плафонот да биде три отсто. Да се надеваме дека владата ќе остане барем на планираниот и да не се повтори она што се случува сега, со ребалансот тој да се зголеми на 3,9%. Очигледна е намерата на државата повторно со една контрациклична буџетска политика да се обиде да ја намали ограничената и намалената побарувачка во земјата, односно со зголемувањето на побарувачката да го динамизира производството и другите сектори со што би се остварил проектираниот раст од 3,2% догодина, односно 3,8% во 2015“, коментира Ивановски.

Rotstift / Symbolbild / Haushalt
Фотографија: dapd

Според универзитетскиот професор Томе Неновски, проектираниот буџет е одраз на актуелните позитивни движења дома, но и сигналите за заздравување на европската економија. Проекциите, според него, се донесени врз основа на претпазлив, конзервативен однос, што го смета за оправдано со оглед на ризиците кои, иако во мала мера, се‘ уште се присутни:

„Карактеристично е што се врши реструктуирање на ставките во рамки на буџетот. Имаме значително зголемување на ставката за капитални инвестиции, за 20%, што сите ние посакуваме да се реализираат и во практика. Доколку тоа се случи, тоа ќе биде силен поттик за домашната економија и дефинитивен излез од кризата. Најавеното зголемување на платите и пензиите јас, како економист, го прифаќам од аспект на зголемување на потрошувачката, зашто во последниов период личната потрошувачка некако ни затаи. Така што ова би ја зголемило личната потрошувачка како еден од најзначајните четири елементи кои што влијаат врз растот на брутодомашниот производ. Ако се зголеми потрошувачката, инвестициите исто така како што е најавено, зголемувањето на конкурентноста што деновиве го најави премиерот пред стопанствениците би требало да го стимулира производството наменето за извоз, што исто така ќе влијае врз брутодомашниот производ со самото тоа што би се намалувал јазот помеѓу увозот и извозот“, коментира Неновски.

Во однос на проектираниот буџетски дефицит, Неновски смета дека е добро што е тој приближно ист со проектираниот раст, што претпоставува и помало задолжување за негово покривање:

„Сега имаме приближување, пораст на БДП од 3,2% и дефицит од 3,5%, што значи дека се јавува мала разлика од 0,3 процентни поени што можеби ќе го зголеми јавниот долг, но тоа не е драматично за да може страшно да делува. Мислам дека буџетскиот дефицит е присутен за да се довршат веќе започнатите капитални проекти и многу силната најава од премиерот за засилени интензивни капитални инвестиции догодина во патната инфраструктура, како и достасување на роковите за враќање на некои од акумулираните ставки и кредити што треба да се вратат. Мислам дека тоа е суштината на вака проектираниот дефицит“, смета Неновски.

Од опозицијата првично коментираат дека Владините проекции за државната каса за догодина се нереални и во функција на купување предизборен рејтинг. Инаку мини ребалансот на буџетот, според Владата, се прави поради потребата за средства за пензии и образование од 16, односно нешто повеќе од 6 милиони евра. Со ова буџетскиот дефицит ќе се зголеми од планираните 3,5 на 3,9 отсто. Според најавите, нема да има кратења во делот на капиталните инвестиции, кои според најавите на министерот за финансии Зоран Ставрески ќе се реализираат во целост до крајот на годинава.