1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културата обединува

22 декември 2010

Штом стане збор за културните настани во Германија, 2010 може да се оцени како посебна година. Љубителите и почитувачите на културата беа сведоци на мноштво возбудливи настани како потврда дека културата обединува.

https://p.dw.com/p/znt4
Фотографија: DW

Градот Есен, односно Рурската област, заедно со Истанбул и унгарскиот град Печ беа прогласени за Европски градови на културата. Фриц Плајтген, директор на Рур 2010, извлече позитивен биланс од годината на „Европскиот град на културата“:

„Годинава што изминува покажа дека во Рурската област може многу да се постигне со културата; ова навистина беше посебна година за Рурската метропола. Најголем успех е добриот одзив на граѓаните. Луѓето од областите на Рајна, Рур, Липе и Емшер лесно го прифатија настанот и му дадоа свој белег, покажувајќи голем интерес за културата. Пред само една година не можевме да сметаме на такво нешто.“

Настанот привлече повеќе од 10 милиони посетители. Во текот на целата година се организираа околу 5500 настани со разнолична содржина: театар, музика, уметнички изложби и многу повеќе. Меѓу нив популарна беше серијата од околу двесте музички приредби посветени на Ханс Вернер Хенце, еден од најзначајните композитори на денешницата.

Kulturhauptstadt A40 Flash-Galerie
Рурската област: Европски град на културата и најдолгата маса на светот на автопатот А40Фотографија: DW

Особено интересен беше проектот „Живот со стил“ со кој организаторите ги пречекорија класичните области на уметноста и ги поврзаа луѓето на еден од најголемите улични фестивали на светот. За таа цел, автопатот А 40, главна сообраќајна артерија на Рурската област, беше затворен за сообраќај меѓу Дуизбург и Дортмунд во должина од 60 километри. Три милиони луѓе, од кои една третина велосипедисти, дојдоа на прославата на асфалтот. Пријавените посетители мораа да ја уредат резервираната маса според одредено мото, како на пример: кабаре, турски танц или едноставно „кафе-муабет“. Култура на секојдневието во сите форми. Концептот се покажа успешен.

„Навистина е убаво. Да бидам искрена, не очекував да биде вака; мислев дека ќе дојдат малку луѓе, но навистина сум изненадена. Расположението е добро, луѓето отворени и дружељубиви. Не ми се верува само колку многу велосипедисти има. Ако се одржи повторно вакво нешто, сигурно ќе присуствувам“, вели една посетителка.

Водилка беше идејата дека културата треба да обединува и интегрира, без разлика на возраста, религијата, нацијата итн. Принципот на мулти-култи беше застапен во повеќекратна смисла. Вториот директор на Рур 2010, Оливер Шојт со право потенцира дека култура е како луѓето живеат и работат; културата не е само уметност.

Трагичен крај на најголемата техно журка

По големата прослава на автопатот во Рурската област следуваше настан кого го посетија повеќе од еден милион луѓе: Парадата на љубовта. Сепак, наголемата техно журка на светот имаше трагичен крај. Локацијата кадешто се одржуваше настанот се наоѓа меѓу автопат и железничка пруга, а до неа можеше да се дојде единствено преку еден тунел долг 200 метри. Излезот широк 20 метри беше претесен за посетителите, тие беа приморани да се туркаат. Масовната паника која изби меѓу луѓето имаше кобна завршница: 21 лице загина, а околу 500 беа повредени.

Jahresrückblick Flash-Galerie Deutschland 2010 Juli Loveparade
Најголемата техно журка во светот годинава имаше трагична завршница: Парадата на љубовтаФотографија: picture-alliance/dpa

На градоначалникот на Дуизбург му се префрлуваше за недоволните безбедносни мерки, а беше побарано и да се повлече од функцијата. Сред жалоста за загинатите изби жестока расправа за одговорноста за случајот која не сакаше да ја преземе ниту градоначалникот, ниту организаторот, ниту, пак, полицијата. Од друга страна, мошне јасно и брзо падна одлуката дека Парадата на љубовта никогаш повеќе нема да се одржува:

„Парадата на љубовта беше мирољубива журка која засекогаш останува во сенка по вчерашната несреќа. Во знак на почит кон загинатите, нивните семејства и пријатели, повеќе нема да го организираме настанот. Ова е крај за Парадата на љубовта“, објави организаторот на настанот Рајнер Шалер.

Германско-австрискиот актер Кристоф Валц беше прогласен за најдобар спореден актер на овогодишното доделување на Оскарите, за улогата во филмот „Неславни копилиња“ на маестралниот Квентин Тарантино.

Австрискиот режисер Михаел Ханеке, по наградата во Кан и Златните глобуси, беше десеткратен добитник на наградата „Лола“ на шеесетото издание на Германските филмски награди.

Berlinale Spanisch Flash-Galerie
Се бараше карта повеќе: овогодишното „Берлинале“ забележа рекорд во продажбата на билетиФотографија: DW

Шеесетгодишнина одбележа и Берлинскиот филмски фестивал „Берлинале“. Продадени беа околу 300.000 влезници. За директорот на фестивалот, Дитер Кослик, беше тешко да издвои што не смее да се пропушти од програмата:

„Во секој случај не смее да се пропушти можноста во петок навечер, веднаш по свеченото отворање на Фестивалот, љубителите на филмот да отидат пред Брандербуршката порта. Кореанско-американската уметничка Кристина Ким таму постави филмско платно со кое сака да ја симболизира магијата на киното. На платното, за првпат по 83 години, во целост ќе може да се погледне филмот „Метрополис“, чиј директен пренос ќе се врши од театарот „Фридрихштатпаласт“ со оркестар во живо.“

Deutschland Buchmesse Leipzig 2008
Неуморната читателска публика во трка за нови наслови на Саемот на книгата во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/ dpa

Во март 2010 година сите погледи беа вперени кон Саемот на книгата во Лајпциг. Таму седумнаесетгодишната Хелене Хегеман, со својот роман „Аксолотл-Роудкил“ предизвика вистинска дебата во јавноста. Имено, она што важеше како поглед во разузданиот живот на младите со моќен јазичен израз, во голема мера бил текст препишан од еден блогер на интернет. Како последица, во новинарските фељтони долго се расправаше за авторските права во ерата на интернетот.

Вагнер продолжува да живее

Во Бајројт, пак, заврши една цела ера. На 21 март почина Волфганг Вагнер на возраст од 90 години. Двете негови ќерки, полусестрите Катарина Вагнер и Ева Вагнер-Паскје го презедоа кормилото на фестивалот. Волфганг Вагнер беше последниот жив внук на славниот композитор Рихард Вагнер кој до 2008 година беше единствен директор на фестивалот во Бајројт посветен на неговиот дедо.

Вистинска жалост предизвика и смртта на Кристоф Шлингензиф. Големиот театарски, оперски и филмски режисер почина на 21 август од рак на белите дробови на возраст од 49 години. Нему му успеа уште на почетокот на годината да го постави камен-темелникот на неговиот последен голем проект: оперско село во западно-африканската држава Буркина Фасо - вистински центар за развојна помош и унапредување на уметноста. Тој собра парични донации, ангажира домашен архитект и скицира планови за програмата и активностите на центарот.

„Мојот сон беше на овдешните млади луѓе, кои одат во училиште, да им помогнам да откријат кои се и каде води нивниот пат. Покрај тоа, тие на часовите по филмска уметност имаат можност, со едноставни камери да го снимаат своето секојдневие или, пак, своето семејство. Големиот сон стана реалност: да постои клиника каде ќе се раѓаат здрави деца, каде секој ден ќе се слуша првиот детски плач.“

Eurovision Song Contest 2010 ESC2010 Finale Oslo Deutschland Lena Meyer-Landrut
Лена Мајер-Ландрут извојува убедлива победа на Евросонг 2010Фотографија: AP

Не смее да остане незабележан и успехот на Германија на овогодишниот фестивал „Евросонг“ кој имаше големо ехо во медиумите. Младата Лена Мајер-Ландрут извојува убедлива победа и и` го обезбеди на Германија правото да биде домаќин на следното фестивалско издание кое ќе се одржи во мај 2011 година во Диселдорф.

Автор: Гинтер Биркеншток / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска