1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Култура на селски начин

22 јули 2010

Заживување на речиси непостојниот културен живот во македонските села е цел на проектот „Културата во руралните заедници“, кој Центарот за современи уметности го спроведува во 50-тина населени места, од 2009 до 2012.

https://p.dw.com/p/ORVO
Културната понуда треба да е разбирливаФотографија: AP

Во Вевчани, Никифорово, во Дебарска Жупа, Теарце и редица други села досега се организирани повеќе од 50 културни настани: патувачки кина, концерти, изложби, театарски претстави...Напати, само во едно село на културните настани доаѓаат по 300 - 500 луѓе.

„Ние не инсистираме на висока уметност, туку го покренуваме месното население самото да подготвува културни настани, бидејќи треба да се развиваат нивните културни потенцијали“, вели координаторот на проектот Никола Писаревски од Центарот за современи уметности и подвлекува: „Воопшто не се трудиме да создаваме некаква елитна култура, туку културна понуда, која ќе биде разбирлива, којашто локалните луѓе ќе можат да ја интерпретираат.“

Тој дополнува: „Вие не можете да му понудите сериозна музика, или современ танц и современ балет, на некој кој нема доволно образование и искуство да го сфати тоа. Не може секој да го восприема апстрактното сликарство, но фотографијата како уметност е многу ’почитлива’.“

Kultur in den mazedonischen Dörfern
Изложба на носии во село КосоврастиФотографија: DW

Во општинскиот центар Теарце за спроведување на проектот е задолжен локалниот координатор Метин Муамети. Тој истакнува: „Мислам дека културата во руралните средини не е илузија, бидејќи се поттикнуваат младите, локалните власти и училиштата натаму сами да реализираат свои проекти, не да очекуваат секогаш нешто од страна. Од 2009 година досега, во Теарце имавме реализирано 5-6 поголеми културни настани, меѓу кои беше и локалната ликовна изложба изложба ’Контрасти и граници’. Во поттикнувањето на овие културни активности се вклучени и невладините организации во Теарце и други места. Со своето дејствување тие придонесуваат кон јакнењето на интеретничката компонента на живеењето во етнички мешаните села, какво што е и Теарце: покрај класичната култура се создава и култура на меѓуетничко разбирање и заедничко работење на овој план.“

Театарскиот режисер од Тетово Левко Богдановски, кој со членовите на Драмското студио на Центарот за култура од Тетово веќе трипати настапувал во селото Ростуше, нагласува: „Постојат можности во селата, особено во поголемите општини, да се развиваат разновидни културни манифестации. Луѓето се жедни за култура и уметност. Досега ние бевме во Ростуше три пати, бидејќи луѓето се задоволни од нашите пиеси и комедии, кои ги прикажавме таму.“

Прв културен фестивал „Лазарополе 2010“ со поезија, музика и сликарство

Јана Манева - Чупоска, професорка на Факултетот за уметност и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, заживувањето на културата во селата го става во еден поширок контекст - на потребата да заживеат прво селата, во кои преостанале, главно, само постари луѓе:

„Зачувувањето на обичаите, традициите и активирањето на локалните културни иницијативи треба да го понесат младите“, вели таа и посочува: „Треба да имаме млади луѓе во селата, кои се едуцирани. Треба да дојде една нова, млада генерација и да собере храбост, со поддршка од државата, дека таа може да твори, да прави проекти, оти може да живее во една селска средина исто така добро како и во град. Не сметам дека е утопија да имаме култура и развој на културниот развој во селата во Македонија.“

Kultur in den mazedonischen Dörfern
Децата во село Ростуше учат глумаФотографија: DW

Манева-Чупоска додава: „Еве пример колку луѓето се заинтересирани да видат културни манифестации на село: се вршат подготовки за одржување еден културен фестивал, кој ќе се организира за првпат во Лазарополе со неколку сегменти: читање поезија на поети, родени во Лазарополе, ќе има и сликари од странство што ќе дојдат да сликаат во ова село. Потоа, ќе има музички бендови од Скопје и цела Македонија, кои ќе престојуваат во селото. Овој културен фестивал го нарековме ’Лазарополе 2010’ и негов главен организатор е Јован Ламбевски, родум од тој крај, кој живее и работи во Париз. Оваа културна манифестација предизвика огромно внимание: имаме потврда за доаѓање на 1500 луѓе, но ќе видиме дали ќе биде така. Факт е дека луѓето сакаат да видат култура на село. Но, таа може да се создава и од луѓе, велам, кои ќе бидат поттикнати и заинтересирани да живеат таму, добивајќи широка поддршка од општините и од државата, која ќе треба да придонесе со сериозни финансиски вложувања во обезбедување на елементарните услови за враќање на луѓето и посебно младите во руралните средини.“

Проектот „Развојот на културата во руралните средини“, се реализира и во Босна и Херцеговина, Србија и Косово со помош на „Прохелвеција“ - Швајцарската програма за култура за Западниот Балкан.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска