1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен бојкот или дијалог?

26 април 2011

По апсењето на кинескиот уметник Ај Вејвеј, кратко по отворањето на германската изложба „Уметноста на просветителството“ во Пекинг, во Германија започна дебата за надворешната политика во областа на културата.

https://p.dw.com/p/10wF0
Во германскиот печат некои бараат затворање на изложбата во ПекингФотографија: Staatliche Museen zu Berlin, Foto: Frank Barbian

Роберто Чули е пасиониран театарски режисер. Тој потекнува од Италија, а со децении живее во Германија, но всушност е космополит. Со неговиот Театар на Рур, Роберто сега гостува во земји, каде се‘ повеќе дисиденти се апсат, исто така и во Иран. Повлекувањето од овие земји за него не доаѓа в предвид. Интендантот во Театарот на Рур, Чули вели: „Секој вид на бојкот, им штети на луѓето, а не на режимот. Апсурден е културниот бојкот во земја, во која владее диктатура. Имено, со театарот, музеите и изложбите се доближуваме до луѓето. Иран е таков пример. Во Иран сме веќе 12 години, и во тој период, без разлика на околностите, имаме можност да оствариме дијалог со ова општество.“

Чули не стравува дека иранската влада може да се фали со тоа што директорот од Германија доаѓа на официјален фестивал. Уметниците и публиката, вели тој, се гладни за култура од Западот. Во безбедните простории на театарот секогаш може да се водат разговори, кои не може да ги спречи ниту еден режим.

Опасност од политичко влијание

Porträt Bernd M. Scherer, Intendant am Haus der Kulturen der Welt, Berlin
Интендантот на Домот на светските култури во БерлинФотографија: Peter Adamik

Исто така и Бернд Шерер смета дека приватните разговори се важни. Тој раководи со Домот на светските култури во Берлин и секојдневно работи со уметници, кои доаѓаат од неслободни земји. Тој бара поголема свест за тоа со кого се соработува во културната политика. Колку е поважен настанот, како во случајот со германската изложба Уметноста на просветителството во Кина, толку е потешко. „Сметам дека најважно е прашањето дали се стремиме кон дијалог на официјално ниво! Во моментот кога се впуштам во директната атмосфера на државната моќ, и повеќе не дејствувам само на ниво на уметник, опасностите од политичко влијание секако се значително поголеми“, истакнува Шерер. Исто така поголема е опасноста од искористување на уметноста за политички цели.

Истакнување на вистинските вредности

Peking China Nationalmuseum Ausstellung Kunst der Aufklärung
Германската изложба во Националниот музеј во ПекингФотографија: picture alliance/dpa

Директорот на Институтот Гете во Дамаск, Бјорн Лулај вели дека сепак е можно да се излезе на крај и со репресивните режими, кои радо се китат со култура од странство. „Желбата за меѓународно признавање, која на пример се рефлектира во привлекувањето на меѓународни изложби во земјата, може да се задоволи ако земјата домаќин даде соодветен придонес. Таквите прилики треба да се искористат да се истакнат вредностите за кои се залагате, а кои не се почитуваат во тие земји. Треба да се застане зад овие вредности, а не да се криеме зад дипломатската љубезност“, вели Лулај.

Но, токму тоа на многумина им недостасуваше при претставувањето на германските музеи во Кина. Оттаму мотото на Гете институтот, најголемиот претставник на надворешната културна политика гласи: Да се присуствува и да се заземе став. Повлекувањето од проблематичните земји не е разумно, напротив може да биде контрапродуктивно, вели Бјорн Лулај: „Сметам дека можноста да се изврши притисок не е многу голема, и не знам дали е тоа паметно. Но, мислам дека со малку фантазија, со духовитост, со добри контакти со партнерите од тие земји може многу да се постигне.“

Инвестиции во долготрајниот развој на културата

Roberto Ciulli, Theaterregisseur
Театарскиот режисер Роберто Чули, интендант во Театарот на РурФотографија: DW/Samira Nikaeen

Така Гете институтот и понатаму се фокусира на контактите со локалната културна сцена, како и на тоа да се воспостави основа на долгорочен план. Подобро е парите да се вложуваат во долготраен развој, отколку во блескавиот извоз на култура, кој може да биде инструментализиран од авторитарните режими. И покрај тоа, театарскиот уметник Роберто Чули ја смета за апсурдна актуелната дебата за германската културна политика:

„Додека дискутираме во која мера културата може да се манипулира или злоупотреби, забораваме дека покрај културата во сите овие земји многу повеќе пари се трошат за други бизниси, отколку за било кои културни проекти. Мора да биде обратно! Мора да се бориме и да се залагаме да има многу повеќе можности за културата, особено во споредба со економијата, и во овие земји навистина да се инвестираат пари, за да бидеме поприсутни таму!“

Автор: Аја Бах / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска