1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар за април

30 март 2011

Месецот април во Германија нуди богата културна програма. Предвидени се повеќе значајни случувања, доделувањето на германската филмска награда, саемот за уметност Арт Колоњ и извонредни изложби.

https://p.dw.com/p/10k8Y
Фотографија: BilderBox

Доделување на германската филмска награда во Берлин

Filmszene Drei von Tom Tykwer
Фотографија: X Verleih


Љубовната драма на режисерот Том Тиквер „Три“ („Drei“) важи за фаворит во трката за најценетата награда за култура во Германија. Филмот за двајца љубовници од Берлин, кои се вљубуваат во истиот маж, се смета за најдобриот филм досега на режисерот Тиквер. На германските филмски награди „Три“ доби шест номинации за „Златна Лола“. Покрај приказната за љубовниот триаголник, во трка влегува и приказната за една љубовна двојка: „Кој друг ако не ние“ („Wer wenn nicht wir“) од режисерот Андрес Фајел, кој зборува за врската на терористката на РАФ, Гудрун Енслин со писателот Бернвард Феспер. Филмот е номиниран во пет категории. На 8 април германскиот државен секретар за култура Бернд Нојман ќе ги објави добитниците на наградите „Златна Лола“. Месецот април има богата понуда на случувања за љубителите на филмот. Исто така и на меѓународниот филмски фестивал во Дортмунд, од 12 до 17 април, се доделува значајна филмска награда за режисерки, во висина од 25.000 евра. Целта е да се награди работата на режисерките, кои успеале да создадат содржински и формално издржани филмови. Секако вреди да се посетат и „Нипон Франкфурт“, големиот фестивал за јапонскиот филм, како и „Гоу Ист“ фестивалот („goEast“) во Визбаден, кој презентира филмови од Средна и Источна Европа.

Макс Либерман на покривот

*** Achtung: Nur für Kulturkalender April 2001 oder zur Berichterstattung über die Ausstellung verwenden ***
Фотографија: bpk | Hamburger Kunsthalle | Elke Walford


Бонскиот музеј „Бундескунстхале“ постојано привлекува многу посетители со големите културни и историско-уметнички блокбастер-изложби. На 21 април посетителите покрај тоа што може да влезат во Музејот, ќе можат и да се качат на него. Под насловот „Макс Либерман. Пионер на Модерната“, музејот „Бундескунстхале“ го претставува берлинскиот сликар импресионист, но исто така и на покривот на музејот. Макс Либерман (1847-1935) има голем придонес за историјата на уметноста. Неговото сликарско творештво на извонреден начин ги документира промените во уметноста и општеството во Германија, кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Изложбата содржи околу 100 слики на платно и хартија, како и творби од уметници кои влијаеле врз неговото творештво, или чии дела биле застапени во неговите уметнички колекции.

Мајка на сите саеми на уметноста: Арт Колоњ

Kulturkalender April 2011: Art Cologne
Фотографија: Koelnmesse


Оние кои се прогласени за мртви живеат подолго. Во изминатите години Арт Колоњ имаше многу турбулентен период. Сепак најстариот Саем за уметност во светот повторно застана на нозе, по надминувањето на опасноста од затворање поради конкуренцијата од манифестациите во Базел, Берлин и Лондон. 45-от Арт Колоњ се прикажува во динамично светло како никогаш досега, благодарение на директорот на саемот Даниел Хуг. 41-годишниот Американец со германски пасош успеа, по само три години на функцијата, да му даде нов сјај на Арт Колоњ. 190 галерии од 22 земји од 13 до 17 април ќе го посетат Келн, за да презентираат уметност почнувајќи од класичната модерна, па се до современата уметност. Саемот ќе го посетат и повеќе трговци со уметнички дела, кои одамна престанаа да доаѓаат. Една специјална изложба претставува утопистички летачки објекти од скулпторот од Антверпен, Панамаренко. Белгискиот уметник во истовреме е фантазер, конструктор, пронаоѓач, техничар, занаетчија и инженер. Веќе 40 години тој се обидува да ја надмудри силата на земјината тежа, изработувајќи скулптури, кои ќе им го приближат на луѓето неговиот сон за летањето. Во Северна Рајна Вестфалија тој ја започна својата кариера, а негов најголем поддржувач тогаш бил Јозеф Бојс.

„На спортските игралишта“ (Auf die Plätze) - спортска изложба на Германскиот музеј за хигиена

Kulturkalender April 2011: Ausstellung Auf die Plätze in Dresden - Olympia-Waldi, Axel Thünker *** Achtung, siehe Rechtehinweis! ***
Фотографија: Stiftung Haus der Geschichte der Bundesrepublik Deutschland, Bonn


Како што се вели во една поговорка, „лебот и игрите“ го забрзуваат пулсот на народот. Тоа им беше познато уште на старите Римјани, што е и мотото на изложбата „На спортските игралишта“ („Auf die Plätze“) во Германскиот музеј за хигиена во Дрезден која може да се погледне од 16 април 2011 до 26 февруари 2012 година. Со тоа стигнавме до спортот. Имено, 2011 е година на женскиот фудбал. Затоа треба подетално да се погледне потребата на луѓето за движење, најдобро во еден преглед, при што некое прашање се разгледува од што е можно повеќе аспекти. Такво место е Германскиот музеј за хигиена во Дрезден. Изложбата „На спортските игралишта“ се занимава со „спортувањето“ во нашето општество. Имено, спортот станува значаен дел во нашето секојдневие. Не зачудува фактот дека голем број уметници, театарски и филмски работници се занимаваат со темата спорт.

УНЕСКО - светски ден на книгата

Welttag des Buches 2001: Pressefoto Ich schenk dir eine Geschichte 2011
Фотографија: Stiftung Lesen


Дали навистина се ближи крајот на ерата на Гутенберг? И покрај тоа што многумина се‘ уште ги сакаат книгите, сепак сега се во подем електронските книги и интернетот. 23 април, денот на смртта на Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес, е официјален ден за борба против мрзоволието за читање книги. На тој ден, во библиотеките, издавачките куќи, книжарниците и училиштата се чита и се одржуваат литературни читања. Особено младите го губат интересот за книгата, според една студија само 47 насто од младите од 14 до 19-годишна возраст со задоволство читаат книги. Во 1995 година оваа група на читатели се‘ уште далеку повеќе сакаше да чита книги. Тогаш 60 насто го вбројуваа читањето во своите слободни активности. Затоа 3.500 книжарници во Германија сега започнаа соработка со некои училишта, со акцијата „Ти подарувам една приказна“, при што учителите во четврто и петто одделение насекаде во Германија можеа да порачаат ваучери за своите ученици. Младите читатели може да ги подигнат подарените книги во книжарниците на светскиот ден на книгата.

Автор: Сабине Елце / Јасна Мушиќ-Јанчулева

Редактор: Симе Недевски