1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар за март 2011

2 март 2011

По февруари, кој помина во знак на Берлиналето, март во Германија започнува со прославата на прочуениот карневал во Рајнската област. Но, третиот месец во 2011 година носи и многу други интересни културни настани.

https://p.dw.com/p/10RCx
Фотографија: BilderBox

Мода и уметност- меѓу фустанот и кожата

Achtung: Nur für Kulturkalender März 2011 - Ausstellung Art and Fashion in Wolfsburg
Изложбата „Уметност и мода“ во ВолфсбургФотографија: Marc Tops/Ronald Stoops/Bob Goedewaagen

„Кога уметноста и модата ќе се приближат, шушка меѓу кожата и фустанот“. Вака музејот на уметност во Волфсбург ја рекламира новата изложба „Уметност и мода“. Со години дизајнерите ги претставуваат своите модни шоуа како уметнички инсталации, или ги поставуваат своите креации како уметнички дела. Провокативни скулптури, би можело да се помисли, кога се гледаат досетливо изработените парчиња облека. Музејот во Волфсбург всушност релативно често посветува изложби на односот меѓу модата и уметноста. Некои од нив се изложбите „Авантгардероба“ или „Уметноста и модата од 1900 година до денес“.

Кураторите на актуелната изложба „Уметност и мода“, Хозе Тојнисен и Арнели Литхенс за музејот во Волфсбург подготвија нова поставка на изложбата, која пред две години можеше да се види во Ротердам. Таа ќе може да се погледне во Волфсбург од 5 март до 7 август.

Глувчето полни 40 години

Deutschland Fernsehen Kinder Jubiläum Sendung mit der Maus Flash-Galerie
Творците на детската „Емисија со глувчето“ со главниот ликФотографија: picture alliance / dpa

Звучи неверојатно, но вистина е. Малото и паметно цртано глувче, со кое израснаа цела низа генерации во Германија, постои веќе 40 години. Роденденот ќе биде прославен на 7 март. „Емисијата со глувчето“ е легандарна цртана серија која се емитува на првата програма на германската телевизија во недела во 11 часот. Таа трае 30 минути и ја гледаат во просек околу 1,6 милиони луѓе. Со смешни и поучни приказни, со кои на децата им се одгонетнуваат многу нешта од секојдневието, серијата допира и до многу возрасни, кои пораснале со неа, и со помош на „глувчето“ научиле многу, дури и некои работи за кои никогаш не се осмелувале да прашаат. Емисијата има освоено многу германски и интернационални награди меѓу нив и онаа на УНЕЦЕФ. Во јубилејната година ќе бидат емитувани три специјални семејни шоуа под наслов „Прашајте го глувчето“.

... а Јанош полни 80 години

ACHTUNG: Nur für Kulturkalender März 2011 verwenden - Illustration aus Janosch: Oh, wie schön ist Panama, Beltz & Gelberg
Илустрација на една од книгите на ЈаношФотографија: Janosch: Oh, wie schön ist Panama, Beltz & Gelberg

Не, ќе речат многумина, бидејќи не можат да си замислат дека овој фин постар човек на 11. март ќе го прослави дури 80 роденден. Тој ретко може да се види во јавноста. Поголема е веројатноста случајно да се сретне на канарскиот остров Тенерифе, каде живее со години. Нему очигледно му е помило кога протагонистите во неговите детски книги стојат во фокусот на вниманието. Неговите приказни, кои самиот и ги илустрира, многу успешно се продаваат веќе со години. Во Германија речиси и да не може да се замисли детска соба без книгите на Јанош и кадифените фигури од неговите ликови.

Фестивали на книгата во Келн и во Лајпциг

Flash-Galerie Literaturfestival Leipzig liest
Средношколци читаат на Саемот на книгата во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/dpa


Единаесетти пат по ред во Келн се слави литературата. На 16 март почнува фестивалот „Лит Колоњ“ и во текот на 11 дена ќе се одржат 162 литературни манифестации, како за возрасни, така и за деца. Со ваков капацитет, „Лит Колоњ“ е најголемиот литературен фестивал во Европа. Литературни читања во Келн ќе одржат успешни автори како Орхан Памук, Рихард Давид Прехт, Дона Леон. Елке Хајденрајх и Роџер Вилемсен. Сите сакаат само едно: Да се доживее литературата.

Но, не само Келн во март ја празнува книжевноста. И во Лајпциг масовно ќе се прелистува низ книгите. Еден ден по стартот на „Лит Колоњ“, вратите ќе ги отвори и Лајпцишкиот сам на книгата. Од 17 март книгоиздавачката бранша на саемот ќе ги претстави новитетите на пазарот на книгата. Со години наназад организаторите на оваа манифестација меѓународно ја промовираат литературата од Југоисточна Европа. Годинава земјата-гостин на саемот Србија ќе ја искористи можноста со бројни програми да ја презентира својата книжевност.


Германските музички награди „Ехо“

Jan Delay bei Echo Verleihung 2010
Германскиот пејач Јан Дилеј минатата година освои две Ехо наградиФотографија: AP

Германската музичка награда „Ехо“ е најголемото признание на германската музичка сцена. Годинава таа ќе биде доделена по јубилеен дваесетти пат и тоа во Берлин на 24 март. Согласно природата на ваквите манифестации, и тука се доделуваат повеќе „Еха“ во различни категории. На тој начин многу домашни, но и странски пејачи и бендови можат да се надеваат на признание. Наградите „Ехо“ некако потсетуваат на Греми наградите во САД, особено ако се знае дека меѓу номинираните се наоѓаат Шакира, Фил Колинс, Роби Вилијамс па дури и починатиот Крал на поп музиката, Мајкл Џексон. Од германските ѕвезди меѓу номинираните се Лена и Нена, Петер Мафај и Рајнхард Меј.

Карневал 2011

Karneval in Köln Flash-Galerie
Карневалистка со маска на кловнФотографија: AP


„Секоја година одново“, би можело да се каже, не само за големото традиционално прославување на Божиќ, туку и за карневалот во Германија. На почетокот на март тој влегува во „жешката фаза“, се’ до среда пепелница на 9 март, кога свечено ќе биде означен неговиот крај. Таа започнува со т.н. Вајберфастнахт, кога жените ја преземаат командата, односно женските карневалисти со ножици им ги отсекуваат вратоврските на мажите и ги земаат во свои раце клучевите на градските општини. Потоа, во „жариштата“ на карневалот, градовите Келн, Мајнц и Дизелдорф, на улиците и плоштадите буквално настапува лудило. Неколку дена и ноќи, се` до кулминацијата на т.н, Розенмонтаг, се’ е во знакот на забавата, пиењето и пеењето и се разбира најважното - маскирањето.

На Розенмонтаг низ спомнатите градови, но и многу други места во Рајнската област, минува радиционалната карневалска поворка, која е проследена од милиони луѓе на лице-место, но и на телевизиските екрани. Карневалот завршува на среда пепелница, на разочарување на многумина, кои сепак веднаш го вртат погледот кон новото „петто годишно време“, како што уште се нарекува карневалот во градовите на Рајна.

Автор: Кони Паул/ Симе Недевски

Редактор Трајче Тосев