1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар за октомври

30 септември 2010

Октомври ќе биде атрактивен месец на културен план во Германија. Следуваат на пример, најголемиот саем на книгата во светот, најстариот фестивал на експериментална музика во светот и многу други нешта...

https://p.dw.com/p/PQZb
Фотографија: BilderBox

Енергетска централа- религија

Kulturkalender Oktober 2010 - Kraftwerk Religion -Verwendungshinweis beachten
Фотографија: David Brandt

Со што се занимаваат луѓето во Германија? Кои се темите за кои се дискутира, на улица во училиште, во медиумите, во политиката? Вакви прашања си поставуваат во Германскиот музеј на хигиената во Дрезден, кога се конципираат новите изложби.

„ Енергетска централа- Религија. За Бог и за луѓето“, се нарекува новата специјална изложба која започнува на 2 октомври и ќе трае до 5 јуни 2011. Притоа не станува примарно збор за тоа да се претстават религиите во светот, туку повеќе се’ сака да се покаже како модерното општество се однесува со темата- религија, меѓу другото да се направи обид да се отсликаат актуелните јавни дискусии како на пример за крстовите и муслиманските шамии во јавните установи , потоа да се претстави меѓусебниот однос на различни религии, но и да се побараат одговори на прашањето, каква улога се’ уште игра религијата во нашиот свет определен од науката и техниката.

Слики на една метропола

Kulturkalender Oktober 2010 - Bilder einer Metropole -Verwendungshinweis beachten

Прошетка низ Париз, но среде Рурската област. На ваква необична прошетка во октомври кани музејот Фолкванг во Есен. И тоа не без причина. Имено Париз на крајот на 19 век беше културен центар на Европа. Многу уметници без фасцинирани од брзиот развој на градот, кој за најкусо време се претвори во модерна метропола, со булевари, театри, кафулиња, паркови и индустрија која постојано се развиваше. Сликарите од тоа време, го претставија тоа во нивните слики. Животот во модерната метропола беше нивната централна тема. Многумина од нив во меѓувреме се светски прочуени, како на пример Едуард Мане, Пјер Огаст Реноар или пак Клод Моне. Нивните дела можат да се погледнат на изложбата „Слики на една метропола- импресионистите во Париз“ која започнува на 2 октомври а ќе трае до 30 јануари наредната година. Таа е дел од програмата на Рурската област како Европска престолнина на културата за 2010 година, и токму тука би требало да наиде на голем интерес. Имено и Рурската област беше и е регион кој за релативно кусо време се промени и денес самоуверено се нарекува себеси „метропола Рур“.

20 години германско единство

Feierlichkeiten zum Tag der Deutschen Einheit 2007
Фотографија: AP


2010 е година во која обединета Германија го слави 20 годишното постоење. На 3 октомври 1990 година сојузните покраини од Германската Демократска Република и‘ пристапија на Сојузна Република Германија и тоа значеше крај на поделбата на Германија. Овој ден оттогаш наваму се слави како ден на германското обединување и се разбира овојпат прославата ќе биде особено голема. Организатор на централната прослава е секогаш сојузната покраина, која го дава претседателот на горниот дом на германскиот парламент, Бундесратот. Оваа година тоа е Бремен, најмалата од 16 германски покраини. Токму затоа прославата ќе биде уште поголема. На веб-страницата на градот Бремен одамна се одбројуваат часовите и минутите до почетокот на манифестациите, а програмата е долга повеќе страници.

Се очекува во Бремен на прославата на денот на германското единство да дојдат повеќе стотици илјади луѓе, меѓу нив се разбира и канцеларката Ангела Меркел и претседателот Кристијан Вулф.

Франкфуртскиот саем на книгата

Kulturkalender Oktober 2010 - Frankfurter Buchmesse -Verwendungshinweis beachten
Фотографија: Frankfurter Buchmesse / Fernando Baptista

Оној кој е активен во книжарската бранша, за него во годината има еден централен термин: Франкфуртскиот саем на книгата, кој годинава ќе се одржи од 6 до 10 октомври. Тој е најголем во светот и привлекува издавачи и автори од целата планета. И мора да се каже дека тој ни оддалеку не е само стручен саем, туку е и голем магнет за публиката. Ако првите три дена од саемот се наменети за стручната публика, вратите на саемот во последните два дена се отвораат и за приватните посетители, кои ги преплавуваат саемските хали, собираат каталози и присуствуваат на литературни читања. Од крајот на 80-те години на минатиот век на саемот секоја година има и т.н земја гостин, која добива посебен третман. Во минатата година тоа беше Кина, а во оваа Аргентина. Како резултат на тоа, со месеци наназад во цела Германија се одржуваат манифестации посветени на оваа земја, без оглед дали станува збор за концерти, филмски проекции, литературни читања и се разбира и новинарски прилози во медиумите. Иако кај Кина предничеа темите како човекови права и слобода на печатот, во фокусот кај Аргентина се наоѓа пред се’ нејзината понова историја, односно соочувањето со воената диктатура од 1976 до 1983 година.

Денови на музиката во Донауешингер

Kulturkalender Oktober 2010 - Donaueschinger Musiktage -Verwendungshinweis beachten
Фотографија: SWR

Експериментална музика- тоа не е по вкусот на секого. Но оној кој во Германија се интересира за тоа или барем е љубопитен тој сигурно нема да ги пропушти „Деновите на музиката во Донауешингер“ кои се одржуваат од 15 до 17 октомври.

Станува имено збор за најстариот и за фестивал за експериментална музика со најбогата традиција. Во деновите на фестивалот, на улиците на градот, кој со своите 20 илјади жители е навистина мал, владее вистинска лабораториска атмосфера. Таму се дискутира и се спори и тоа на сите можни јазици, зашто посетители не доаѓаат само од Германија, туку и од Холандија, Австрија, Франција или пак Швајцарија. Многумина од нив остануваат цел викенд, и малкумина сакаат да пропуштат концерет, а ги има вкупно девет, повеќето праизведби. Значи сепак една манифестација за инсајдери? Не безусловно. Во неделата што му претходи на фестивалот, организаторите подготвуваат повеќе воведни приредби на кои посетителите можат да се сретнат со уметниците и да им поставуваат прашања за нивните дела. За многумина тоа со сигурност е чекор кој им помага да и‘ се приближат на експерименталната музика.

Хитлер и Германците

Helge Schneider als Adolf Hitler in dem Film "Mein Führer"
Фотографија: picture alliance/dpa

Како било можно, човек како Адолф Хитлер да наиде на толкаво прифаќање кај Германците? И згора на тоа како било можно, да доаѓа до масовни хистерии кога тој настапувал во јавноста? Со ова прашање се занимава изложбата во Германскиот историски музеј во Берлин, наречена „Хитлер и Германците. Народно заедништво и злосторства“ која започнува на 15 октомври а ќе може да се погледне се‘ до 6 февруари наредната година. Со документи, слики, видеа и од тоа време на посетителите би требало да им бидат дадени одговори за она што го сочинувало митот на личноста Адолф Хитлер. Покрај тоа има филмски проекции, кои преставуваат пресек на германската филмска историја и нејзиното претставување на Хитлер. Притоа ќе бидат прикажани и филмовите на режисерката Лени Рифенштал која од нацистите била лично задолжена да ги снима конгресите на Национал-социјалистичката партија. Но во Берлин ќе бидат прикажани и филмови како „Мојот фирер- Навистина највистинската приказна за Адолф Хитлер“, комедија на швајцарскиот режисер Дани Леви од 2007 година, во кој во главната улога на Адолф Хитлер се појавува во Германија омилениот комичар Хелге Шнајдер.

Културите на светот во Келн

Rautenstrauch Joest Museum Flash-Galerie
Фотографија: picture-alliance/dpa


Да се планира преселба- чини време. И ако притоа уште и се работи за еден музеј, тогаш тоа би можело да трае добри 15 години. Терминот за преселба на музејот Раутенштраух Јест во Келн беше трипати поместуван, меѓутоа во меѓувреме се‘ е завршено и отворањето на новиот музејски комплекс претстои непосредно. Во него ќе бидат прикажани „Културите на светот“ меѓутоа не подредени територијално туку според тематски области како следниве , на пример: Како луѓето од различни делови на светот го организираат својот живот, како функционира соживотот во општеството, како се третира темата на смртта. Станува збор за нов пристап кој внимателно ќе се вреднува од стручниот свет. За посетителите тоа сигурно ќе биде возбудливо.

Автор: Петра Ламбек/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска