1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културен календар за јули

1 јули 2010

Летото дојде, а со него и одморите. Тоа се забележува и во културната програма, но сепак и во јули на културен план има што да се открие во Германија.

https://p.dw.com/p/O7Yn
Фотографија: BilderBox

„ Жени без мажи“

Flash-Galerie Women Without Men
Сцена од филмот „Жени без мажи“Фотографија: Courtesy Co-Production-Office

До 11 јули СП во фудбал доминира со животот во Германија. Оној кој и покрај тоа сака да оди во кино, на програмата нема да најде ниту еден филм со големите холивудски ѕвезди. Нивните премиери се одложени додека не заврши Мундијалот во Јужноафриканската Република. Но, и покрај тоа се разбира има добри филмови. На почетокот на јули во германските кина почнува прикажувањето на филмот „Жени без мажи“ првиот игран филм на иранската уметничка Ширин Нешат. Филмот ја раскажува приказната за четири жени кои го доживеале доаѓањето на власт на иранскиот шах во 1953 година. Покрај визуелната убавина филмот има и политичка компонента и преку нередите минатата година по претседателските избори во Иран ненадејно доби на актуелност. Филмот го воодушеви и жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Минатата година Ширин Нешат за „Жени без мажи“ ја освои наградата „Златна мечка“ за најдобра режија.

Светска музика во Рудолштат

Folk Roots Weltmusik Festival Rudolstadt Deutschland
Концери и танц на секој чекор во РудолштатФотографија: DW / Anders

Рудолштат е мал град во германската покраина Тирингија, кој во 1955 година беше избран за да го организира „Првиот германски фестивал во танц“. Во фокусот беа германските народни танци, кои требаше да се негуваат и заштитат од се’ посилните, а за некои и штетни клутурни влијанија од САД. На почетокот на фестивалот учествуваа и западногермански танц групи, но со текот на времето погледот се вртеше се’ повеќе и повеќе кон истокот на Германија, така што фестивалот стана централна културна манифестација во Германската Демократска Република, на кој социјалистичката држава ги презентираше своите народни танци.

По падот на Берлинскиот ѕид се постави прашањето: како натаму? Продолжување во стар стил беше незамисливо. Денес манифестацијата на која доаѓаат уметници од целиот свет е наречена „Танц и фолк фестивал Рудолштат“ или скратено „ТФФ Рудолштат“. Значи и натаму се танцува но на програмата на годинешниот фестивал од 2 до 4 јули се главно концерти.

Култура во провинција

Künstlerbahnhof Rolandseck wieder geöffnet
Уметничката железничка станица РоландсекФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Кога на лето станува жешко во градовите, добро е човек да се држи настрана од нив. Можности за тоа има доволно, насекаде во провинцијата се организираат летни фестивали и концерти. На пример и пред портите на градот Бон, кадешто се наоѓа „Железничката станица Роландсек“, изградена на крајот на 19 век. Меѓутоа таа уште од 60-те години на минатиот век се користи за концерти. Еден од најважните моменти беше настапот на Израелската филхармонија, како прв израелски оркестар што настапил во Германија по холокаустот. Подоцна зградата стоеше празна, се’ до почетокот на новиот век кога конечно беше санирана и повторно отворена во 2004 година. Од тогаш наваму тука редовно се одржуваат приредби, концерти и литературни читања. Имено неодамна гостуваше и Нобеловката Херта Милер која го претстави својот нов роман. Од 11 до 19 јули, железничката станица е повторно место за средба на љубителите на камерната музика. На гости доаѓаат музичари од Израел, Франција, Кина, Јужна Америка и Блискиот Исток. Оние кои сакаат да уживаат во концертите мора да побрзаат зашто влезниците се многу барани.

Меѓународна олимпијада за германски јазик

Teilnehmer der 1. Deutsch-Olympiade
Учесниците на Олимпијадата по германски јазик во Дрезден 2008Фотографија: picture-alliance/ dpa

Германскиот е убав јазик. Олимпијадата за германски јазик годинава се одржува во Хамбург од 19 јули до 1 август. 90 младинци од 46 земји ќе учествуваат на манифестацијата која заеднички ја организираат Гете Институтот и Меѓународното здружение на учители по германски јазик. Тие две недели учениците ќе имаат полни раце работа, ќе треба да пишуваат текстови, да подготвуваат презентации, да учествуваат во дискусии и да минат еден квиз. Задача која воопшто не е лесна, пред се’ кога времето надвор е убаво. Но, мора да има место и за малку забава, па така е подготвена културна програма за слободното време која предвидува посета на хамбуршкото пристаниште или пак на рибниот пазар. Победниците на олимпијадата можат да дојдат и наредната година. Тие ќе добијат стипендија за посетување на курс по германски јазик во Германија во 2011 година.

Фестивалот Рихард Вагнер во Бајројт

Szene aus Parsifal bei den Bayreuther Festspielen 2008
И во 2010 повторно на програмата: сцена од операта „Парсифал“ на Рихард ВагнерФотографија: AP

По 99 пат на 25 јули во градот Бајројт ќе биде отворен фестивалот посветен на големиот германски композитор Рихард Вагнер- за првпат без долгогодишниот директор Волфганг Вагнер, кој почина во мај годинава. Тој раководството со фестивалот меѓутоа уште во 2008 година им го предаде на двете свои ќерки Ева и Катерина Вагнер. Тоа е едноставно да се напише, но беше проследено до најжестоки кавги и дискусии. Впрочем кланот Вагнер секогаш се погрижувал за сензации. Но и тоа спаѓа кон митот Бајројт.

Посетители во малиот баварски град доаѓаат од целиот свет. Многумина од нив со години чекале да добијат карта. Пробите веќе се во полн ек, а на отворањето како и секоја година ќе има голем број познати личности, меѓу нив по правило е и канцеларката Ангела Меркел.

Најдолгата маса во светот

Probe zur Aktion Still-Leben Ruhrschnellweg
Од Дортмунд до Дуисбург: најголемата маса во светотФотографија: RUHR.2010 / Jan Pauly

Тие седеа со чаша црвено вино во италијански ресторан и се прашуваа: Што ги поврзува луѓето во Рурската област: Фриц Плајтген новинар и мозок на проектот „Рур 2010- Европска престолнина на културата“ и Јирген Флим, директор на Берлинската државна опера. Нивниот одговор гласеше: А40, наречен брзиот рурски пат. Овој автопат, кој минува низ целата Рурска област мораше да се затвори и на него да се постави долга маса, од градовите Дортмунд до Дуизбург, на која сите ќе најдат место, беше идејата на Плајтген и Флим. Речено-сторено. На 18 јули под името „Спокоен живот на брзиот рурски пат“ започнува акцијата која е дел од програмата на Рурската област како Европска престолнина на културата во 2010 година. Од претпладне во 11 часот до 17 часот на затворениот автопат ќе има гоштевање, муабетење, дружење. Кој има желба може да си изнајми место на масата, со единствен услов, да презентира дел од културата на секојдневието во Рурската област. Тоа може да бидат совети за плетење, вкусни рецепти, пеење, музика или специфични типови спорт. Ако и времето се погоди, тогаш тоа со сигурност ќе биде многу убава можност за дружење.

Автор: Клаус Герке/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска