1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културна татковина на муслиманите во Берлин

11 септември 2010

Музејот за исламска уметност во Берлин, Пергамон, ќе ја зголеми својата површина. Освен тоа, ќе игра општествено-политичка улога, нудејќи им на муслиманите во Германија културна татковина.

https://p.dw.com/p/P8q5
Пергамон музејот во БерлинФотографија: AP

Во рамките на неговата селидба во северното крило, Музејот за исламска уметност во Берлин, Пергамон, не само што ќе може да ја зголеми својата површина, туку до 2019 година треба своите експонати, кои датираат главно од времето од 8. до 19. век, да ги презентира во нова форма.

Штефан Вебер, новиот директор на Музејот за исламска уметност, e задоволен од новиот концепт на музејот. Досегашните концепти на изложбите потекнуваат уште од почетокот на минатиот век. Германското општество оттогаш е многу променето, барањата на посетителите денес се сосема поинакви:

„Посетителите сакаат да дознаат повеќе за културата на исламскиот свет, затоа во северното крило на музејот е поставена хронолошка поставка од доцната антика, средниот век, новиот век, модерното доба, што значи дека временската поделба не е веќе претставена според династиите“, вели Вебер.

Во преден план интересот на јавноста

Museum für Islamische Kunst in Berlin
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Со новиот концепт не се работи за тоа како научниците гледаат на работите, туку како заинтересираната јавност може да ги разбере, објаснува директорот на музејот. Не се работи за поедноставување на оваа историска култура, која е многу богата и разновидна, туку целта е да се покаже нејзината комплексност. Затоа треба да се пронајдат поедноставни патишта. Разликите во однос на претходните изложби ќе бидат веднаш воочливи.

„Ќе биде доработена фасадата Мишата, една од најубавите фасади од калифска палата од осмиот век, исто така ќе биде претставена и шпанската купола од Алхамбра, во Гранада, и тоа во нејзината оригинална форма.“

Собата „Алепо“, што му припаѓала на богатиот трговец од Алепо во Сирија, ќе биде санирана во првобитната состојба и со тоа што ќе може директно да се доживее, објаснува Вебер. Критериумот за поделелба на изложбата по династии е променет.. Секое време ќе биде претставено преку личности, како на пример Карло Велики, еден од најголемите владетели во Европа, или калифот Харун ал Рашид, кој припаѓа на племето на Абазите. Двајцата одржувале многу добри стопански врски.

Посетителите кои немаат многу време, во иднина ќе можат да направат брза обиколка низ музејот. Оние посетители кои ќе имаат повеќе време ја имаат можноста да ги разгледаат сите три ката на музејот.

Deutschland Berlin Pergamon Museum Museumsinsel
Музејот Пергамон добива дополнителна изложбена површинаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Интересното е што во музејот на Пергамон се опфатени сите места од Блискиот исток, од Турција, преку Египет, Ирак и Сирија, и на тој начин културните простори се поклопуваат, но преку поставката во музејот доаѓа до израз какви се врските и разликите меѓу овие земји“.

Сега се прават обиди да се востанови нов критериум кој ќе им овозможи на посетителите подобра ориентација. Во текот на својата работа, директорот Вебер заклучил дека луѓето со задоволство слушаат за историјата. Токму овој факт тој сака да го потенцира во изложбата.

„Токму затоа изложени се не само повеќе градови, туку и повеќе личности, како Карло Велики, Харун ал Рашид или Фридрих Втори, германскиот кајзер кој говорел арапски. Треба да бидат опафтени вакви личности“, вели Вебер.

Симболична културна татковина на муслиманите

Visitors of the Pergamon Museum in Berlin take a look at the Ischtar-Gate
Фотографија: AP

Освен културните аспекти, Вебер го потенцира и социјално-политичкото значење на изложбата. Во моментов, како никогаш досега, е важно да се разбере исламската култура во нејзината разновидност, и муслиманите во Германија да добијат чувство дека овде, така да се рече, имаат културна татковина.

„Да покажеме дека една јавна институција вели: ’ние се грижиме за вашата култура’, а Германија како држава нуди простор и објекти кои се репрезентативни за богатството на вашата култура. Јас верувам дека ова е еден многу важен аспект, преку кој на муслиманите во Германија ќе им дадеме симболична татковина. Дури кога муслиманите ќе речат: ’ние сме дел од оваа Германија, и ние се пронаоѓаме себеси тука, ние ќе бидеме тука прифатени’, дури тогаш можеме да се надеваме дека ќе забележиме напредок во процесот на интеграција“.

Минатата година за прославата на Рамазан во музејот беа поканети муслимани и немуслимани со цел да се запознаат со разновидноста на муслиманската култура и традиција, исто како и годинава.

Автор: Сабине Рипергер/ Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев