1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културна трансформација на рударите

7 јануари 2010

Покрај Истанбул и Печуј, титулата „Европска престолнина на културата“ во 2010 ја носи и Рурската област во Германија на чело со градот Есен. Нејзин главен адут е трансформација од рударски центар во културна метропола.

https://p.dw.com/p/LNqZ
Логото на Рурската област како „Европска престолнина на културата“

Никаде на друго место во Германија не живеат толку многу луѓе на толку мал простор како во Рурската област, на која меѓу останатите и припаѓаат и градовите како Есен, Дуизбург, Бохум или Гелзенкирхен. Рурската област со нејзините 5 милиони жители е најгусто населениот регион во Германија. Практично 53 градови и помали места кои ја сочинуваат Рурската област преставуваат еден голем мегаполис. Токму затоа под името „метропола Рур“ , Рурската област предводена од градот Есен се кандидираше и ја освои титулата „Европска престолнина на културата за оваа 2010 година“.

Историски погледнато, развојот на Рурската област во мегаполис е тесно поврзан со развојот на рударството и индустријата на челик во 19 и 20 век. Но откако во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век поради ефтината конкуренција од други земји, овие две индустрии западнаа во криза, Рурската област доживува процес на длабока структурна трансформација. Доаѓа до ориентирање кон нови технологии од една и проширување на услужните дејности од друга страна. Но многу поранешни рудници и фабрики за преработка на челик се претворени во културни центри и музеи.

Flash-Galerie Deutschland Kulturhauptstadt Ruhrgebiet Essen Zollverein
Уметност во поранешните фабрикиФотографија: AP

Старите клишеа повеќе не важат

Клишеата за Рурската област се се’ уште присутни во главите на многумина, како кај луѓето надвор од Германија така и кај оние во земјата. За многумина и денес Рурската област важи за симбол на Германија како класична индустриска велесила, пред очи се појавуваат слики на оџаџи од високите печки, огромни индустриски погони, бројни рудници и железарници во сопственост на семејствата Круп или Тисен или пак сивите и валкани работнички населби. Со децении таму воздухот беше толку загаден , што луѓето избегнуваа да излегуваат на улица со бели кошули, а алиштата што се сушеа на балконите потоа беа повалкани отколку пред перењето. Долго време Рур беше како центар на германскиот капитализам, така и на германското работничко движење.

Но времињата се сменија. Тие стари клишеа веќе немаат никаква основа во реалноста. Регионот во последниве децении мина низ темелна структурна транформација а некои промени се видливи веќе на прв поглед. Така воздухот и реките во Рурската област во меѓувреме значително се прочистени, Дортмунд важи за „најзелен град“ во Германија а изградени се и повеќе од 600 километри велосипедски патеки. Покрај тоа Рур стана и значаен културен центар во Германија, кој сега во рамките на проектот „Европска културна престолнина“ би требало да му биде покажан на целиот свет.

Специфичен културен шарм

53 градски општини кои ја сочинуваат Рурската област годинава планираат да реализираат 300 различни проекти со вкупно 2500 културни манифестации, објаснува Асли Севиндим, уметнички директор на проектот „ Европска културна престолнина- Рур 2010“:

RUHR 2010 Film
Логото за филмската програма на „Метрополата на културата- Рур 2010“Фотографија: RUHR.2010

„Кога ќе ги погледнеме само бројките, колку музеи имаме, колку концертни сали, колку театри- тоа е огромна бројка и по тоа можеме да се мериме и со најголемите светски метрополи. А од друга страна ние имаме сосема специфичен шарм, некој наш „флер“ . А тука е и сосема посебниот вид романтика. Каде на друго место би имале можност да седите покрај река, покрај вас на ливада пасат крави а таму во заднина додека заоѓа сонцето се отцртуваат контурите на голем фабрички оџак. Тоа е нешто сосема поинакво и јас сум горда дека тоа можам да им го покажам на другите“, вели Асли Севиндим.

Културна понуда за сечиј вкус

Еден од големите културни проекти што ќе ја опфати целата Рурска област и кој на своевиден начин ќе се обиде да ги поврзе минатото и иднината е „Шахтцајхен- Означувањето на рударските јами“. Околу 400 големи жолти балони исполнети со хелиум ќе бидат прицврстени на 80 метри долги јажиња и потоа заврзани на некогашните влезови во рударските јами. Како џиновски тие ќе го означуваат она околу кое целиот тој регион некогаш бил оформен.

Културната престолнина Рурска област им се обраќа на сите луѓе и сака да ги привлече сите луѓе без оглед на нивната возраст, потекло или социјален статус. така од една страна се планирани бројни приредби кои треба да привлечат голем број луѓе, но и многу други за сечиј поединечен вкус, нагласува Оливер Шејт, извршен директор на проектот „Европска културна престолнина“ :

„ Во нови згради се сместени славните музеи Фолкванг и Рур, кои и досега беа магнети за туристите. Но тука сега е и да кажеме и музичкиот циклус посветен на Ханс Вернер Хенце, еден од најважните современи композитори не само во Германија туку и во Европа. Тоа е најголемиот музички циклус посветен на еден жив композитор“, вели Шејт.

Автор: Зола Хилсвиг/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска