1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културниот туризам во сенка на песочните плажи

26 септември 2009

Жителите на Капо Верде развиваат туризам со промовирање на културните дестинации. Во јуни, УНЕСКО го прогласи за светско културно наследство градот Сидаде Велја, кој се наоѓа на главниот остров Сантијаго.

https://p.dw.com/p/Jnlw
Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

За жителите на Капо Верде туризмот е важен економски фактор. Посетителите доаѓаат за да слушаат музика, да уживаат во традиционалната кујна, да шетаат по планините на архипелагот и да се сончаат на убавите плажи. Сепак, не треба да се остане на овие туристички понуди, смета Жоао де Мата. Тој е организатор на изложба, која се осврнува на еден поранешен затворски логор во рибарското село Тарафал, на северозапад на островот Сантијаго. Тука биле затворани и малтретирани политички затвореници од португалскиот фашистички режим. Најпрвин тоа биле противниците на режимот на Салазар, а по нив борците за независност. За да се стимулира културниот туризам, владата на Капо Верде сака таканаречениот „камп на бавната смрт“ да го претвори во музеј. Но, затворот и сега е отворен за посети.

Да се почне од малите проблеми

Cidade Velha Fortaleza São Filipe Kapverden Cabo Verde
Сидаде Велја - град под заштита на УНЕСКОФотографија: DW

Културниот туризам на Капо Верде е во сенка на одморот што подразбира песочни плажи. Повеќето туристи сакаат само да уживаат на плажите, смета Жоао де Мата. Но тоа наскоро може да се промени. Во јуни, УНЕСКО го прогласи градот Сидаде Велја за светско културно наследство. Сидаде Велја беше првиот главен град на Капо Верде. Тој се наоѓа 15 километри западно од сегашниот главен град Праија, на каменеститот брег на острвот Сантијаго. Сидаде Велја значи „стар град“ и е првиот град кој бил изграден од Европејците во тропскиот појас.

Чарлс Акибоде е еден од луѓето кои учествуваа во подготовките за апликацијата на Сидаде Велја за град на УНЕСКО. Апелира за долготраен развој на културниот туризам во регионот и вели дека мора да се почне со решавање на малите проблеми: „На пример со поставување ознаки. Во едно историско место секогаш има патокази за историските згради, но понекогаш има и добри ресторани, но никој не знае за нив, бидејќи не е означено каде се наоѓаат."

Бизнис со сувенири

Kap Verde Tourismus
Јунис Кореја изработува „Пано ди Тера“Фотографија: Renate Krieger/DW

Барајќи што уште може да го замени одморот на плажа, патот не` води кон Сера да Малагуета, националнен парк во северниот дел на островот Сантијаго. Пешачењето во овој планински реон е задолжително. Тука има и типични локални ракотворби, што тешко се наоѓаат во другите делови. Во туристичките центри, пак, се нудат сувенири од соседните земји, како на пример Сенегал.

Јунис Кореја има 21 година. Таа седи на разбој и ни покажува како се изработува Пано ди Тера, типичната марама која ја носат жителите на Капо Верде. Здружението, во кое работи Јунис, планира да инвестира повеќе во продавници за сувенири. Освен марами, жените тука произведуваат чанти, тетратки и паричници. За производството користат сисал, но и стари картонски пакувања од млеко, како и други растителни материјали. Целта е локалното население поинтензивно да се интегрира во туризмот – тогаш веројатно трговијата во Капо Верде ќе доживее нов процут.

Автор: Ренате Кригер / Вероника Оливеира / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска