1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културните богатства предност за развој на туризмот во Македонија

Горан Петрески7 март 2007

Според последниот извештај на Светскиот економски форум што се однесува на туризмот, Македонија е на 83 место од 124земји. Експертите препорачуваат наместо масовен туризам, промоција на културните богатства.

https://p.dw.com/p/AdZ4
Охридско езеро
Охридско езероФотографија: dpa

Македонија е атрактивна за странските туристи колку што се Казахстан и Гамбија, обелоденува Светскиот економски форум. Во последниот извештај што се однесува до конкуретноста на патувањата и туризмот, реномираната швајцарска организација ја рангира Македонија на 83 место од 124 земји во светот. Оценувањето е направено според политичката, економската и безбедносната состојба, а замени се во предвид сообраќајната и туристичката инфраструктура, потоа развиеноста на телекомуникациите, информатичката технологија како и цените, хигиената и културните богатства.

Странските советници одамна ја советуваат Македонија да работи на промоција на алтернативниот туризам, посета на селата, археолошките локации, црквите, џамиите, планинскиот туризам. Џим Фланери експерт за туризам вели, не се фокусирајте на масовен туризам, промовирајте го историското и културното богатство, она по што сте препознатливи. „ Имате прекрасна култура, историски споменици и археолошки локалитети, видот на туристите што сакате да ги придобиете ќе зависи од тоа што ќе им понудите. Не треба да го развивате масовниот туризам и подобро е така, туризмот треба да ја промовира културата и да ја задолжи земјата таква каква што е “ изјави Фланери.

Од земјите во регионот според Светскиот економнски форум туристички најатрактивна е Грција која е рангирана на 24 мето, следуваат Хрватска на 38, Турција, Бугарија, Србија, Црна Гора се наоѓаат меѓу 50 и 60 место. Зад Македонија е само Албанија и Босна и Херцеговина.

Според Светскиот економски форум најпривлечни туристички дестинации за 2007 година се западно европските Швајцарија, Австрија и Германија, а на дното се Чад, Андора и Бурунди.

Извештајот на Светскиот економски форум покажува дека минатогодишната кампања за туристичка промоција што ја спроведе Македонија преку Си Ен Ен и Јаху засега е без позначајни ефекти. Статистиката вели дека во 2006 година бројот на туристи се намалил за 2 процента во однос на 2005, но пораснал девизниот прилив. Во 2005 од туризмот Македонија заработила 76 милиони а лани 96 милиони евра. Македонската влада одамна најавува национална стратегија за развој на оваа стопанска гранка каде што се предвидуваат законски измени по пример на хрватските.