1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кумуцакос: „Решението за името, катализатор за подобри односи“

Горан Петревски19 март 2009

Грција се`уште официјално не одговорила на писмото на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој предлага потпишување на Декларација за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/HEzb
Парламентот во АтинаФотографија: picture-alliance / dpa

Во очекување на официјален одговор од Атина, на писмото на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски медиумите во Македонија ја пренесуваат изјавата на портпаролот на грчкото МНР, Јоргос Кумуцакос кој вели дека напорите на двете земји мора да се фокусираат на прашањето за името, кое го карактеризира како „критично“. Решението за прашањето за името, според Кумуцакос, ќе биде катализатор за подобри односи. Какво било друго однесување би било само тактика за одолговлекување и извитоперување, во обид да се изместат приоритетите, како и обид за одвратување од целта на преговорите,“ ја пренесуваат агенциите изјавата на гласноговорникот на грчката дипломатија.

Три иницијативи на Милошоски

Имајќи ги предвид неодамнешните недоразбирања околу историските прашања изнесени јавно од високи грчки функционери и со цел да се надмине застојот во билатералните односи и повторно да заживее политичкиот дијалог, сметаме дека двете држави би сакале заеднички да ја искажат својата обврска и одговорност за натамошното развивање на грчко-македонските односи во духот на добрососедството и партнерството, се вели во дописот адресиран до грчката министерка за надворешни работи потпишан од Милошоски.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Милошоски: „Да се надмине застојот во билатералните односи“Фотографија: AP

Портпаролот на македонското министерство за надворешни работи, Петар Чулев, во изјава за Дојче Веле објаснува дека писмото на Милошоски е потврда на контруктивната политика на Македонија за изнаоѓање решение на спорот за името. Чулев вели дека Македонија очекува официјален одговор од грчката минстерка за надворешни работи Дора Бакојани на трите иницијативи што ги предложи Милошоски. Тој објасни дека првата иницијатива е за потпишување на Декларација за пријателство, добрососедски односи и соработка, која освен подобрување на контактите меѓу двата соседа треба да даде значаен придонес за регионална стабилност. Втората се однесува за формирање на заеднички комитет за образование и историја преку кој треба да се работи на спречување на злоупотребата на историските настани како повод за недоразбирања и несогласувања. Третиот предлог е прифаќање на една рамка за унапредување на билатералните односи.

Бакојани во Македонија по изборите

Die griechische Außenministerin Dora Bakoyannis
Бакојани во својство на претседавач со ОБСЕ наскоро во посета на МакедонијаФотографија: AP

Писмото од Милошоски до Бакојани е испратено на 17 март а во него шефот на македонската дипломатија објаснува дека бил мотивиран од неодамнешните недоразбирања околу историските прашања изнесени јавно од високи грчки функционери и со цел да се надмине застојот во билатералните односи и повторно да заживее политичкиот дијалог. Грција го блокираше македонскиот прием во НАТО, а се закани и со вето при определувањето датум за преговори за членство во Европската унија. Од официјална Атина стасаа најави дека Бакојани по изборите в недела ќе ја посети Македонија, во својство на претседавач со ОБСЕ, но посетата ќе нема никаква врска со билатералните односи или пак со спорот околу името.