1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Купена безбедност

Рахел Бајг/Б. Георгиевски22 февруари 2013

По тешките обвинувања и критики на сметка на компанијата „Амазон“ поради малтретирање на работниците, сега под лупа се и други логистички центри и агенции за обезбедување во Германија.

https://p.dw.com/p/17ijS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Голем број луѓе чекаат пред една стоковна куќа каде, како и секоја среда, одредени производи се нудат по поповолни цени. Овојпат на попуст беа телевизори и компјутери, па турканиците беа и поголеми. Точно во осум часот утрото, вратите се отвараат, а масата која влегува речиси е невозможно да се контролира. Веќе после 10 минути, намалените артикли се распродадени. Избива и првата кавга, се разменуваат навреди. Еден муштерија посегнува и по ножот.

Споменатиот инцидент се одигра во Марсберг пред две години, кога малку продавници вработуваа агенции за обезбедување. Во меѓувреме нивниот ангажман стана обврска.

„Кога некоја продавница ќе одлучи да организира распродажба или некој голем собир, што не ја исклучува можноста дека би можело да дојде до навала од луѓе, таа мора да ангажира работници кои ќе ја гарантираат безбедноста“, вели Арнолд Пликерт, претседател на синдикатот на полицијата во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Приватно обезбедување насекаде

Така, контролата на безбедноста во продавниците дојде во рацете на приватниот сектор. Некогаш одржувањето на јавниот ред и мир во локалите беше задача на полицијата. Денес се ангажираат приватни фирми, чии работници немаат исти права како полицајците, но мораат да минат низ истата обука. Униформа можат, но не мораат да носат. Исто важи и за оружјето. Но, работниците во некои фирми понекогаш одат предалеку и ги надминуваат своите овластувања. Затоа има се повеќе жалби на граѓани за повреди кои им биле нанесени од приватно обезбедување.

Deutschland Berlin Schule Privater Sicherheitsdienst vor Berliner Schulen
Приватното обезбедување е ангажирано и во училишта...Фотографија: picture-alliance/ dpa

Притоа, приватното обезбедување не го ангажираат само фирми, туку и полицијата ги користи нивните услуги. На пример, одговорноста за безбедноста на германските аеродроми во потполност ја презедоа приватни фирми, пред се’ во контролата на патниците. Работата им ја препушти полицијата, бидејќи приватните контролори се поефтини. Истото е случај и на спортските натпревари каде за безбедноста се грижат приватни агенции.

Вносен растечки бизнис

Ниту еден друг сектор во услужната дејност последниве години не доживува таков пораст. Од 2005. бројот на приватници кои нудат услуги во безбедносниот сектор речиси се удвои.

„Во 2011. година во таа бранша работеа 37.500 луѓе. Доколку ја погледнете статистиката ќе сфатите дека приватни обезбедувања има се повеќе“, вели Паул Ебсен, портпарол на Заводот за пазар на трудот.

Да се започне бизнис во овој сектор воопшто не е тешко. „Во суштина се’ се заснова на тоа работникот да мине соодветна обука“, вели Ебсен.

Sicherheitsdienst Fussballstadion
... како и на стадионите.Фотографија: picture-alliance/GES Sportfoto

Но германската полиција негодува, тврдејќи дека благодарение на релативно ниските критериуми, на пазарот се појавуваат се повеќе обезбедувачи.

„Сериозните приватни агенции постојано работат на тоа на своите луѓе да им овозможат дополнителни квалификации. Но во овој бизнис има и многу лоши агенции“, вели Арнолд Пликерт од синдикатот на германската полиција.

Последниве денови во Германија е актуелен скандалот со начинот на работа на германската подружница на американскиот трговски гигант „Амазон“. Во репортажа на јавниот сервис беше утврден лош однос на компанијата кон сезонските работници од странство. Обезбедувањето на компанијата, работниците на фирмата „ХЕСС“ од Касел, облечени како десни екстремисти ги малтретирале и шиканирале работниците. Членовите на обезбедувањето на агенцијата, со која Амазон во меѓувреме ја прекина соработката, наводно имале дозвола и да упаѓаат во домовите на сезонските работници и да ја претресуваат нивната приватна сопственост.