1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курс за „Вистински татковци“

19 декември 2009

14 мажи, Турци од градот Херне во покраината Северна Рајна Вестфалија учествуваат на курсот „Вистински татковци“, каде учат да преземат одговорност за воспитувањето на своите деца и да бидат активнивни во семејството.

https://p.dw.com/p/L3tj
Фотографија: Olof Pock

Ѓиркан Учан е социјален работник во градот Херне, а проектот „Вистински татковци“ го започнал пред две години. Тоа е еден вид школа за татковци за турските мажи. Потребата за ова 34-годишниот Учан ја осознал преку својата работа со мигрантските семејства. Учан и самиот е Турчин и ја познава проблематиката.

„Сум доживеаел дека татковците со мигрантско потекло по правило се вклучуваат во воспитувањето на децата само кога ќе се појават тешкотии. Ако дома се‘ оди мазно, тогаш велат- мојата жена ќе се справи со тоа. А жените навистина тоа го прават успешно. Но, од друга страна, кога ќе се појави преоптоварување, реагираат беспомошно.“

Цел спектар проблематични прашања

Проблеми со тинејџерите во пубертет или прашањето како да им се пренесат исламските вредности на своите деца, се прашања кои се во фокусот на татковците. Ним им е важно нивните потомци во Германија да ги слават муслиманските празници, како Рамазан. Но, спектарот теми кои се обработуваат на курсот е широк и разновиден, како и проблемите на татковците со нивните семејства.

Türkische Frauen mit Kindern
Децата не се обврска само на женитеФотографија: Pia Chandavarkar

На курсот тие двапати месечно разговараат за своите грижи и маки. Тука се анализираат реалните тешки ситуации со децата од животот и се бараат решенија и тоа со се‘ поголем успех: „На почетокот доаѓаа само четворица татковци, потоа бројот се зголеми, што значи дека мажите имаат голем интерес да го поддржат своето семејство. За нив е важно за своите проблеми да можат да дискутираат со другите кои имаат искуства со нив, можат да научат еден од друг. На овој начин овде се раѓаат и пријателства меѓу татковците, што е навистина добро.“

Трпение за проблемите на децата

Локман Топуз во курсот учествува повеќе од половина година. 42-годишниот клучар има три деца на возраст од девет до 17 години, на кои им е потребно многу внимание: „Порано често брзо се возбудував. Сега ги оставам децата вистински да се искажат, да објаснат што мислат, што сакаат. Порано, кога ќе започнеа да ме ’бомбардираат’ со прашања, велев, оставете ме намира. Сега се воздржувам, ги слушам. Кога ќе забележам дека имаат право, им го признавам тоа. Кога мислам дека јас сум во право, им ги објаснувам своите ставови. Мојот најстар син постојано ме прашува: тато, забележуваш дека си помирен?“

37-годишниот Месут Ездарџин пак напротив дома се‘ уште не се конфронтирал со семејните проблеми. Неговиот син има седум години, но сепак сака да научи од примерите и проблемите на другите татковци. Нему му е многу важен односот со синот: „Мојот татко ми беше речиси како брат. Сличен однос сакам и јас со синот. Ние би можеле уште подобро да живееме со нашите деца, затоа сум овде.“

Надвор од класичната поделба на улогите

Türkei: Istanbul - Großer Basar Türkische Männer beim Teetrinken im Großen Basar in Istanbul, aufgenommen am 12. Mai 2004.
Наместо во чајџилница, малку повеќе домаФотографија: dpa

Совладување на семејните кризи и создавање блискост со децата се основните цели на курсот, кој трае девет месеци. Многумина татковци со мигрантско потекло сметаат дека нивната улога се ограничува на хранител на семејството. Според класичната поделба на улоги, за воспитувањето на децата е одговорна жената. Но, токму на овие татковци им е потребна посебна поддршка при прашањата на воспитувањето, вели Ѓиркан Учан: „Не може да се рече дека татковците или семејствата со мигрантско потекло немаат интерес за воспитувањето на своите деца и нивниот успех во општеството. Тоа не е точно. Тие се многу заинтересирани, но им треба голема поддршка, зашто делумно доаѓаат од слоеви со пониско образование. Многу деца доживуваат неуспех токму поради недоволната поддршка од дома, уште во основното училиште.“

Друг дел од курсот се и педагошките излети и акции на татковците и децата за време на викендите: играње фудбал, возење кану или планинарење. Во иднина е планирана и музичка група. На ваков начин татковците навистина прават нешто за своите деца, вели социјалниот работник Учан: „Заедно со децата, за тие да ја доживеат убавината на заедничкото дружење и потфати, особено со татковците. Со мајките и така доживуваат многу искуства, но татковците по правило имаат малку време за своите потомци. А на децата им е потребен и таткото, како нивен пример, тоа особено е изразено кај момчињата.“

Автор: Лејла Винтер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска