1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: ЕУ постапува дволично во Украина

ЖА/дв/дпа/афп/ртре1 февруари 2014

Рускиот министер за надворешни работи Лавров го критикуваше однесувањето на ЕУ во украинскиот конфликт. Kаква врска има подбуцнувањето безредија со демократијата, праша тој на Минхенската безбедносна конференција.

https://p.dw.com/p/1B1HA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не избираше многу зборови при критиката на ЕУ во однос на конфликтот во Украина. Тој праша зошто нема ни збор осуда на оние кои ги заземаат државните и јавни објекти, ја напаѓаат полицијата, зошто ЕУ дури го поддржува она што веднаш би го санкционирала ако се случи во земја членка на Унијата.

Истовремено Лавров ги обвини ЕУ, но и НАТО, дека на Украина не и‘ оставаат во суштина право на избор за нејзиниот надворешнополитички курс, туку ја принудуваат на своите замисли. Претставниците на ЕУ, како претседателот на Советот, Херман ван Ромпој, изјавуваат дека местото на Украина е меѓу Западот, што претставува исклучување на можноста за избори, рече Лавров. Тој истакна дека украинското раководство, при ескалација на насилството, има право на ограничување на правата на граѓаните. Со денови постои загриженост од можно вмешување на армијата во конфликтот меѓу опозицијата и владата.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, напротив, исто како и Херман ван Ромпој, апелираше во Минхен првенствено до украинското раководство да не применува сила. Секоја земја има право на склучување сојузи, сеедно дали економски или воени, истакна Расмусен. Тој не гледа простор за улога на НАТО во украинскиот конфликт. Но, НАТО и ЕУ мора да и‘ понудат на Украина соработка, смета првиот човек на Алијансата.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери им вети поддршка на проевропски ориентираните демонстранти во Украина. САД и ЕУ се на страната на украинскиот народ во оваа борба, изјави Кери во Минхен. Според него, мнозинството Украинци сакаат да живеат слободно во безбедна и богата држава.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара од украинскиот претседател Виктор Јанукович брзо и во целосен обем да ги исполни ветувањата дадени на опозицијата.

„Само тогаш постои излез“, изјави Штајнмаер, апелирајќи до учесниците на Минхенската конференција заеднички да се заложат за мирно решение на конфликтот во Украина.