1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лав или петокрака, прашање е сега!

4 октомври 2009

Македонскиот парламент треба да одлучи дали ќе ја почне процедурата за бришење на петокраката од грбот на државата, иницијатива на владата, и дали на него ќе биде ставен златниот лав, иницијатива на ВМРО-Народна партија.

https://p.dw.com/p/JxOj
Што ќе биде решено за грбот?

И двете иницијативи меѓу политичарите и партиите имаат и поддржувачи и критичари. Сакаат да се избрише идеолошката премиса во грбот-петокраката, но не го сакаат и лавот од земскиот грб од 1620 година на црвена заднина. Едните затоа што зад него стои македонската десница, а други затоа што тој не е одраз на нивната традиција и култура. Во стручната јавност, пак, меѓу хералдичарите, постои мислење дека лавот е добра основа за барање на новиот грб на Македонија.

Ако се бара нов грб на Македонија хералдичарите бараат тоа да им се остави ним, бидејќи политичарите во изминатите 18 години покажаа што знаат и колку знаат. „Грбот не се прави за еден месец, една година или еден мандат“, велат тие и додаваат дека една од основните премиси во нивната работа е постојаноста, што значи дека кога ќе се донесе грб, тој треба да трае вечно, а не да се менува на секои четири години.

Колку лавот е прифатлив како решение за другите етнички заедници во Македонија?

Според најавите од нивните политички репрезенти-многу малку, иако хералдичарите наведуваат дека лавот бил грб на многу видни албански семејства во минатото .

Новинарот Стојанче Наумов смета дека Македонија одамна ја испушти можноста да го донесе лавот како свој грб.

„Мислам дека грбот е еден Гордиев јазол што не може да го пресече ниту Александар Македонски, да е жив. Шансите се испуштени уште на почетокот, уште со осамостојувањето, кога поради суети големите партии не можеа да се договорат. И секое ново отворање на ова прашање во себе не носи искрена намера кај тие што го покренуваат, туку обично алиби за пред јавноста.Самите се свесни дека со Бадентер веќе не е можно никакво договарање или нов грб без за тоа да се прашаат Албанците“, вели Наумов.

Добар предлог, но со извесни модификации

Претседателот на Здружението на хералдичари на Македонија Јован Јоноски вели дека земскиот лав од 1620 година е добра основа за барање на новиот грб на Македонија, кој ќе треба дополнително да се модифицира, да се стилизира, бидејќи тоа сега е само една прекрасна фотографија, која треба добро да се обработи за може да се имплементира врз патна исправа и другите документи.

„Тој симбол има традиција и историски континуитет и поради тоа е добра основа за грб на РМ “, вели Јоноски, кој има доста критичко мислење за предлогот на Владата, бидејќи смета дека со бришењето на петокраката не се елиминира идеолошкото поимање на сегашниот грб на Македонија.

„Самото менување на петокраката не го менува воопшто концептот на овој амблем, кој не е ниту грб, затоа што не е направен според законите на хералдиката. Затоа, со менувањето на еден нехералдички грб државата добива уште еден нехералдички грб, кој веројатно ќе биде само полошо решение“ објаснува Јоноски.

Mazedonien Skopje
Одлуката за грбот треба добро да биде обмисленаФотографија: PETR STOJANOVSKI

Македонија да не биде „тиква без корен“

Сличен е ставот и на хералдичарот Роберт Митевски, кој вели дека Македонија мора да се одлучи дали сака да биде тиква без корен или да се врати кон симболите кои го одразуваат културното, духовното, па ако сакате и идеолошкото минато на луѓето кои живееле на просторите на државата.

„Потегот на Владата за менување на петокраката само по себе е добро решение. Но, ако остане само тоа, ќе предизивка страшни паследици, затоа што на него ќе останат само афионот и тутунот, кои во контекстот на модерното живеење значат нешто негативно, па затоа грбот повеќе би заличувал на грб на еден латиноамерикански картел, а не на држава“, вели Митевски кој смета дека на политиката не и‘ е местото во хералдиката, бидејќи ќе се добијат глупави решенија какви што имаат БИХ и Косово, во кои грбовите не одразуваат ништо суштествено за овие држави, туку само политичка волја за функционирање на државен грб на одредена територија.

Сосема спротивно е мислењето на Горан Трпеноски, кој не се согласува со повлекување на петокраката од грбот, туку нејзино пребојување во бела или жолта боја. Во спротивно, вели тој, Македонија се откажува од своите најсветли традиции и запаѓа во замка на соседите.

„Ако се тргне ѕвездата од грбот на Македонија, тогаш се активира синдромот на самоуништување на Македонија, односно тоа ќе биде победа на долгата борба на балистите и Бугарите, кои во Втората светска воја беа на страната на фашистичка Германија, да докажат дека Македонија е вештачка и коминтеровска творба и дека имаат право на дел од неа. И дека не е држава за која се избориле предците и за која се дадени десетици илјади жртви“, вели Трпеноски.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска