1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лазарова-Трајковска нов судија во Европскиот суд за човековите права

Тони Гламчевски4 февруари 2008

Лазарова-Трајковска е новиот судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права. Нејзиниот мандат ќе трае до 31 јануари 2014 година, со право за повторен избор. Лазарова-Трајковска ја замени Маргарита Николовска.

https://p.dw.com/p/D2Dr
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: AP

За судија во Европскиот суд за правата на човекот Мирјана Лазарова Трајковска беше избрана од Парламентарното собрание на Советот на Европа за време на есенската сесија. Нејзиниот избор дојде по предлозите испратени од македонската Влада, меѓу кои беа уште Зоран Гавриловски и Гзиме Старова.

Голема чест и обврска да се биде судија во Европскиот суд за човековите права

Во телефонскиот разговор за тоа што значи нејзиниот избор во највисоката судска институција во Европа, за Радио Дојче Веле Мирјана Лазарова-Трајковска рече: „Како човек, да се биде дел од Европскиот суд за човековите права претставува голема чест и се разбира голема обврска. Како правник тоа е големо признание, за она што досега сте го работеле и од друга страна значи една голема обврска во однос на понатамошното постапување по секој од предметите со кои понатаму ќе се соочувам, во работата на судот.“

Лазарова-Трајковска е избрана како кандидат на Република Македонија, но исто како и другите избрани судии од другите земји-членки на СЕ, таа во судот ќе заседава самостојно и нема да ги претставува или брани интересите на државата од која е предложена, во случајов Република Македонија. За Лазарова-Трајковска искуството од нејзиното досегашно работење во Уставниот суд на Република Македонија и како експерт во Венецијанската комисија на Советот на Европа, ќе бидат добредојдени во Стразбур.

„Се разбира дека работата на предметите на Европскиот суд за човековите права значи и еден поинаков поглед и кон предметите кои што доаѓаат од мојата земја. Значи, дава можност да анализирајќи ги тие поединечни предмети и споредувајќи ги со судската пракса на Европскиот суд за човековите права, истовремено да се прави и една компаративна анализа во однос на она каде Македонија исчекорила во заштитата на човековите права и каде греши во постапките. Се разбира секоја одлука и пресуда од Европскиот суд за човековите права значи многу за подобрувањето на работењето на било кој суд во Република Македонија“.

Граѓаните на Макеоднија се почесто се јавуваат во судот во Стразбур

Популарноста на Судот во Стразбур се претвори во негова слабост, бидејќи тој е презатрупан со предмети што чекаат да добијат одговор.

Македонија не е исклучок, нејзините граѓани исто така се почесто се обраќаат до судот во Стразбур. „Македонија може многу да направи да се намали бројот на апликациите пред Европскиот суд за човековите права, особено имајќи во предвид дека се уште најголемиот број од предметите се во врска со ефикасното постапување на судовите.“

Според Лазарова Трајковска тоа е можно со направените измени на законите за судството и внимателно читање и анализирање на пресудите изречени од Европскиот суд за правата на човекот.