1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ламбсдорф: ЕУ е се‘ уште атрактивна

Дуња Драгојевиќ-Керстен / Превод: Е.М.Фиданоска25 септември 2012

Членството во ЕУ за многумина во ЈИЕ е цел кон која се стремат. Но, со секоја лоша вест од Атина, Мадрид или Рим се намалува одушевеноста од европското семејство. Како економската криза влијае на приближувањето кон ЕУ?

https://p.dw.com/p/16Dqg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Гроф Николаус Ламбсдорф, специјален ополномоштеник на германското Министерство за надворешни работи за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во интервју за Дојче веле зборува за европската економска криза и процесите на интеграција во ЕУ на земјите од ЈИЕ.

ДВ: Германија веќе подолго време е најактивна држава на ЕУ во Југоисточна Европа. Зошто е тоа тоака? Зошто Германија се ангажира толку силно на Балканот?

Гроф Ламбсдорф: „Одговорот е многу едноставен - затоа што тоа е во германски интерес. Поконкретно: Германија се ангажираше многу за стабилизација на регионот по четири војни почнати од Милошевиќ. Требаше прво да се врати мирот. Овде имавме речиси 400.000 босански бегалци, кои во најголем дел се вратија во Босна и Херцеговина. Во меѓувреме имаме најголем број војници во Република Косово, во рамки на меѓународните мировни сили КФОР. Финансираме голем број европски и меѓународни иницијативи и истовремено билатерално сме во речиси сите држави како политички, така и економски, на прво или на второ место. Тоа е во германски интерес, тоа е наше соседство, земјите од Западен Балкан во меѓувреме ги разбираме многу и сакаме успешно да ја завршиме оваа политика која почна со стабилизација.“

Зошто Франција, на пример, или други европски земји не се интересираат толку многу? Лондон, Париз или Рим се воздржани. Каде е општиот интерес за мир во регионот и во Европа?

„Различните членки на ЕУ имаат различни интереси, но големите земји, кои долго се интересираат за регионот, како Велика Британија, Франција, Италија и се разбира тука се и САД, ние пет-шест земји соработуваме тесно, постојано сме во контакт. Се‘ уште има постојани тела во кои се среќаваме за да договориме заедничка политика и нејзе да ја спроведуваме. Но, на Германија се гледа како на најголема и најважна, а понекогаш и најбогата држава на ЕУ, и со тоа се поврзани посебни очекувања. Тоа не секогаш е реално, но така е во моментов.“

Би рекле ли дека економската криза во Европа сега ја отежнува вашата работа или тоа нема директно влијание ниту на процесот на проширување, ниту на дискусиите во Берлин?

„Се разбира дека европската должничка криза има влијание врз Западниот Балкан. Но, економиите во Западен Балкан имаат и онака тешки проблеми. Нема доволно работни места, нема доволно инвестиции затоа што насекаде недостигаат навистина добри услови за инвестирање. Тоа води до се‘ поголеми социјални проблеми, а во дел од земјите и до зголемен миграциски притисок. Сето тоа го отежнува приближувањето на овие држави кон ЕУ и на политичарите им го отежнува спроведувањето на неопходните реформи на патот на интеграции.“

Чувствувате ли недоволна доверба или исчезнување на довербата во регионот?

„Кога разговарате со граѓаните во регионот, во некои земји тоа воопшто не го чувствувате. Во Албанија, на пример, националниот проевропски консензус е веројатно стопроцентен. Но, кога ќе разговарате со некои политичари во други земји или кога внимателно ги слушате, тогаш може да се роди понекогаш сомнеж колку сериозно се пристапува всушност кон ЕУ-ориентираните неопходни реформи. Тоа е проблем. Не ни е потребна само определба за реформи, туку реализирани реформи.“

Како тоа да се постигне? Искуствата со Бугарија и Романија, кои се членки на ЕУ, не се секогаш охрабрувачки.

„Не е полесно, но постојано се заборава дека веќе е постигнато многу. ЕУ како заедница на вредности, но и европскиот внатрешен пазар, се атрактивни за луѓето кои живеат таму.“