1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ламерт: Внимателно со новите членки!

Силвера Падори-Кленке19 октомври 2012

Првиот човек на Бундестагот Норберт Ламерт на Конференцијата за проширувањето на Западниот Балкан и Хрватска го образложи својот скептицизам: бара консолидирање на ЕУ, претпазливост и солидна подготовка на проширувањето.

https://p.dw.com/p/16Sw3
Фотографија: Getty Images/AFP

Замореноста од проширувањето на ЕУ се’ погласно и појасно го доведува во прашање натамошното интегрирање на Западниот Балкан. Дури и позитивните извештаи за напредок на Европската комисија од пред неполни десет дена не го потиснаа скептицизмот.

Feierlichkeiten zum Tag der Deutschen Einheit Norbert Lammert
Амбициите за проширување на ЕУ до сега беа поголеми од оние за средување на состојбите во соптвениот двор. Смета Норберт ЛамертФотографија: picture-alliance/dpa

Напротив, првиот човек на германскиот парламент Норберт Ламерт деновиве отворено се посомнева во подготвеноста на Хрватска наредниот јули да стане 28-та членка на ЕУ. За интеграцијата на другите земји, меѓу кои и Македонија, Ламерт побара пауза. Ваквиот став синоќа Ламерт лично да го бранеше на конференцијата на фондацијата „Хајнрих Бел“ посветена на идното проширување со Западниот Балкан и ќе биде ли Хрватска меѓу или конечна станица?

„Јас сум во суштина убеден дека амбициите на ЕУ во проширувањето со нови членки се поголеми отколку преземените задачи во својата заедница консеквентно да ги практикува и исполни договорените обврски и прописи. Поинаку кажано, Европската унија покажува голема широкоградост. Можеби не треба да пишуваме извештаи за напредок само за кандидатите за членство, туку и за внатрешната состојба на ЕУ. И ако тоа го правиме детално и со исти аршини, ќе дојдеме до некои вистини кои нема да биде пријатно да се чујат. Поради тоа е мојата скепса“, подвлече Норберт Ламерт, претседател на германскиот Парламент. Тој кажа дека спонтано одлучил да има збор и да го образложи својот скептицизам на конференцијата посветена на Хравтска и Запдниот Балкан.

Symbolbild Europa Westbalkan EU-Erweiterung
Фотографија: DW

Да не се повторат грешките

„Јас сум цврсто убеден дека итно ни е потребна фаза на консолидирање на Европската унија. Во минатото редовно приоритетот на проширувањето беше поголем од продлабочувањето на односите во ЕУ“, истакна Ламерт, кој е на мислење дека проблемите вклучувајќи ги и финансиските, Унијата не ќе ги имаше доколку ги почитуваше прописите кои самата ги имаше донесено.

„Сметам дека треба да бидеме посебно внимателни со најавувањето на новите членства. Сигурно Хрватска не е ни меѓу, ни последна станица на ЕУ проширувањето. Европскиот интегративен процес нема да мора да оди само квалитативно напред, туку ќе води до вклучување на други држави. За тоа мораме ние да имаме интерес, но и за редица држави тоа е од витално значење. Но, нема да си направиме добро доколку амбициозно сакаме овој процес да оди брзо, туку треба солидно да го организираме“, е категоричен Ламерт кој потсети дека во миантите години тешкотиите во ЕУ се случиле поради несоодветниот однос меѓу економската и политичката интеграција. Тој кажа дека кога е во прашање Хрватска не смеат да се повторат грешките на Унијата од минатото проширување. Будно ќе се следи пролетниот извештај за напредок и ќе се инсистира забелешките да бидат имплементирани пред први јули.

Berlin Diskussionsveranstaltung EU-Erweiterung
Хрватска треба да биде пример за исполнување на критериумите. Истакна Стјепан МесиќФотографија: DW

Хрватска мост до регионот

Поранешнииот хрватски претседател Стјепан Месиќ подвлече дека Унијата мора да ја искористи Хрватска како пример и мост до регионот. Тој за ДВ ја подвлече подготвеноста на Хрватска да ја придружува Македонија на нејзиниот европски пат. Марелуизе Бек, пак, не ги прифати аргументите за паузата во проширувањето. Таа потсети на важноста на интеграцијата на регионот за стабилноста и изрази чудење за краткото помнење на парламентарците за распаѓањето на Југославија и случувањата кои го потресоа мирот на континентот. За неа е небрежност што на дневниот ред во комисијата за надворешни работи често се говори за Арапската пролет, за Сирија, а толку ретко за Западниот Балкан.

Marieluise Beck Bündnis 90/Die Grünen
Се заборави на војните во поранешна Југославија и значењето на регионот за стабилноста на Европа. Мариелуизе БекФотографија: picture alliance/Sueddeutsche Zeitung Photo

И Златко Диздаревиќ од Политичката иницијатива од Сараево смета дека ЕУ недоволно се занимава со земјите од регионот. Тој забележа дека доколку долго остане вакуум меѓу регионот и ЕУ, сигурно ќе има амбиции просторот еконионмски, а и политички да го придобијат Русија, Турција и Кина. Друга работа е што ЕУ малку гледа дека доколку интеграцијата сопре, ќе се разбудат старите националистички соништа од минатото, поради што односот на ЕУ кон Западниот Балкан е прашање кое мора да се расчисти!