1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латиноамериканците и натаму лути на Европејците

АТ/ дпа/ афп10 јули 2013

Организацијата на американските држави и натаму е лута: Нивното негодување е насочено кон оние држави на ЕУ, кои минатата недела принудно го слетаа авионот на претседателот на Боливија, Ево Моралес.

https://p.dw.com/p/195CN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со затворањето на својот воздушен простор Франција, Шпанија, Италија и Португалија „јасно ги прекршија правилата на меѓународното право“, соопшти постојаниот Совет на Организацијата на американските држави во резолуција усвоена во Вашингтон. Во неа се повикани четирите држави на ЕУ да дадат „неопходно појаснување“ за инцидентот и да формулираат „соодветно извинување“.

По долги дискусии резолуцијата беше усвоена зад затворени врати. Таа беше предложена од Боливија, Никарагва, Еквадор и Венецуела. САД и Канада, кои исто така се членки на Организацијата на американски држави изразија несогласување со текстот. Тие наведоа дека заклучокот бил несфатлив, оти сите прашања не се одговорени.

„Државен тероризам“

Причина за принудното слетување во Виена беше погрешната проценка дека во авионот на боливискиот претседател Ево Моралес, кој патуваше од Москва за Ел Паз се наоѓа Едвард Сноуден, кој е баран од САД поради објавување на тајни информации на американската тајна служба НСА. Боливија инцидентот подоцна го нарече „државен тероризам“.

Вакви тешки зборови не употреби генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, меѓутоа и тој повеќепати изрази негодување поради принудното слетување. Претседателите на државите имаат имунитет, и нивните авиони исто така се заштитени, нагласи Бан на средба со амбасадорите на повеќе латиноамерикански земји.

Европските држави, кои беа вмешани во инцидентот во меѓувреме изразија жалење и уверуваат дека немало никаквка политичка позадина. Претставник на боливиската влада меѓутоа го отфрли нивното објаснување како недоволно.