Лајчак: Проширувањето на ЕУ без алтернатива
25 мај 2013„ЕУ нема што подобро да им понуди на земјите од Западен Балкан од полноправно членство во Унијата“, изјави словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак (насловна фотографија) за словачките медиуми по повод конференцијата во Ирска посветена на Западен Балкан. Лајчак оцени дека сите досегашни проширувања биле успешни затоа што зајакнале не само новите членки, туку и целата Унија.
„Катастрофалните прогнози кои го следеа зачленувањето на Словачка и на уште девет земји во Унијата во 2004 година, дека европскиот пазар ќе биде преплавен од евтина работна сила, дека ќе го урнеме европскиот социјален систем или дека ЕУ нема да биде во можност да одлучува, не се остварија“, рече Лајчак, наведувајќи дека процесот на проширување мора да продолжи, но така што доследно ќе се почитуваат поставените услови. Тој предупреди дека покрај заморот од проширување во старите членки на ЕУ и на Западниот Балкан постои замор, но од реформите.