1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Леб и игри за народот или за елитите?

Габриел Боруд-Нина Мариа Потс/Б. Георгиевски26 јули 2012

Лондон, Олимпијада 2012: тоа би требало да бидат Игри за народот, но со оглед на речиси недостапните или прескапи влезници и се‘ поголемите проблеми со транспортот, голем број лондончани се лути уште пред почетокот.

https://p.dw.com/p/15er4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тие смеат да бидат на церемонијата на отворање на Летните Олимписки Игри во Лондон: ученици и болничарки, просечни Британци. Тие треба да ја претстават сликата за разновидноста, креативноста и хуморот на британските острови.

Организацискиот одбор за церемонијата на отворањето на олимпискиот стадион ќе има задача да координира околу 10 илјади учесници. Ќе биде тоа, според зборовите на организаторот, шоу кое треба да ја прикаже сликата „за нас како нација“.

Деталите од церемонијата на отворањето се‘ уште се водат како тајни, но режисерот на манифестацијата Дени Бојл веќе откри некои нешта и најави дека ќе може да се види селска идила со 70 овци, 12 коњи, 3 крави, по 10 кокошки и патки, 9 гуски и 3 кучиња овчари.

Трошоците за масовната церемонија се проценуваат на повеќе од 33 милиони евра. Но Бојл вели дека нема намера да се натпреварува со Кинезите или Грците што се однесува до трошоците. Тој наведува оти Олимписките игри не се наменети за елитите, туку треба да бидат Игри за народот.

Danny Boyle Golden Globe
Оскаровецот Дени Бојл ќе го режира отворањето на ИгритеФотографија: picture-alliance/ dpa

Влезници: премалку и прескапи

Досега преку интернет се продадени околу 7 милиони од вкупно 8,8 милиони влезници. Околу 500 илјади влезници од преостанатиот контингент најверојатно ќе се понудат на црниот пазар по неверојатно високи цени. Тоа во ушите на жителите на Лондон звучи саркастично, бидејќи Игрите се одржуваат пред нивниот нос, но тие не можат да си дозволат  карти за натпреварите.

Тоа е така затоа што повеќе луѓе сакаа да купат карти, отколку што беа понудени на продажба, објаснува во разговор за ДВ Џонатан Едвардс, претставник на Организацискиот одбор на атлетичарите.

„Тоа е секако добро за Организацискиот одбор, бидеќи сепак 25 отсто од нашите приходи доаѓаат од продажбата на влезници. Освен тоа, на Организацискиот одбор и на атлетичарите им ветивме дека спортистите ќе се натпреваруваат пред полни стадиони и токму тоа и ќе го добијат“, вели Едвардс.

Тој вели дека не сака да го омаловажува разочарувањето на луѓето, но дека полно работи ќе се случуваат во Лондон и без влезници за олимписките натпреварувања.

„Имаме една огромна културна програма, Лондон Фестивал 2012, како и бројни можности да се учествува во Игрите“, објаснува Едвардс.

Програмиран сообраќаен хаос

Достапноста на влезниците е една, а сообраќајниот хаос е втората голема грижа на лондончани. Гарет Емерсон на возачите им советува по секоја цена да останат подалеку од центарот на градот за време на Игрите. Шефот на организацијата надлежна за сообраќајот во градот, на новинарите им најави дека уште пред почетокот на Игрите ќе дојде до големи турканици во центарот.

Во текот на Игрите се проценува дека ќе има три милиони повеќе возила низ градот. Оттука, вели тој, „нормално е да се очекува сообраќаен хаос во градот“.

На возачите особено им е забрането да се движат по ткн. олимписка рута, долга 175 километри. На оваа делница, посебни ленти ќе бидат резервирани за организаторите, спортистите и ВИП личностите.

Stau in London
Застој во ЛондонФотографија: AP

Лондонските таксисти се лути затоа што ним им е забранет пристапот на овие ленти.

„Олимписките игри доста ќе не‘ погодат. Нашата најголема грижа е користењето на тие посебни ленти, а ќе биде блокирани и други делници во вкупна должина од 38 милји“, вели портпаролот на здружението на таксистите Стив Мекнамара.

Бесот очигледно не може да се избегне кога еден толку голем град организира глобален врвен настан. И покрај се’, оптимизмот дека, кога Игрите конечно ќе почнат, лондончани ќе бидат среќни со нив и ќе можат да се идентификуваат со изреката „Игри за народот“, се‘ уште постои.