1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Левицата ќе го запира капитализмот

ЖА/дв/дпа/афп16 јуни 2013

Под мотото „100 проценти социјала“ Партијата на левицата во Германија бара поголема правда во однос на даноците, пензиите и помошта за невработени. На партискиот конгрес е упатена остра критика кон СПД и Зелените.

https://p.dw.com/p/18qna
Фотографија: Reuters

На конгресот изостана големиот спор од кој стравуваше партиското раководство. Околу 500 делегати во Дрезден со големо мнозинство го одобрија курсот на првите луѓе во еврокризата. Тезите на екс-шефот на партијата, Оскар Лафонтен, кој побара враќање на одделни кризни држави кон нивните национални валути, речиси не најдоа одек во околу 100 страници долгата изборна програма.

„Иако во европската монетарна унија постојат огромни конструктивни грешки, Левицата не се залага за крај на заедничката валута“, се вели таму. Но, претпоставка за опстојување на еврото е запирање на курсот на политика на кратења. Еврото го уништуваат политиката на ЕУ-тројката и на канцеларката Ангела Меркел“, се вели во програмата. Шефот на пратеничката група на Партијата на левите во Бундестагот, Грегор Гизи, ја предупреди својата партија на опасноста од откажување од еврото. Крајот на заедничката валута би бил погубен за југот на Европа и би водел кон крах на германскиот извоз.

Малку гласови „против“

Изборната програма на партијата беше усвоена со само неколку гласови „против“. На конгресот во Гетинген лани, Левицата се наоѓаше кратко пред расцеп. Гизи во говорот го пофали тоа што членовите од западниот и од источниот дел конечно ја сфатија неминовноста од меѓусебни отстапки и меѓусебна зависност. Оскар Лафонтен се воздржа да земе збор. Како на обичен делегат, му беа на располагање три минути говор. Во толку кратко време тој не може да ја образложи својата позиција, го образложи својот молк во дебатата 69-годишниот поранешен сојузен министер за финансии. Лафонтен, по заболувањето од рак и внатрепартискиот спор околу неговиот курс, се откажа од сите функции во Левицата.

Под мотото „100 проценти социјала“ Левите се изјаснија за законски утврдена минимална плата од десет евра на час, како и минимална пензија од 1050 евра; покачување на даночната стапка за оние со повисоки приходи на 53 проценти и воведување данок на милионерите. Копретседателката на Левицата, Катја Кипинг, изјави дека нејзината партија служи како „социјална сирена за тревога“ во земјата. Партијата побара и завршување на странските мисии на Бундесверот, крај на производството на оружје во Германија и извоз на оружје во странство. Со остра критика беше реагирано на одбивањето на Социјалдемократската пратија и на Партијата на зелените за заеднички настап на претстојните парламентарни избори во септември. Копретседателот на Левицата Бернд Риксингер го нарече кандидатот на СПД, Пер Штајнбрик „Каспер на милионерите“.

Изборна цел - најмалку десет проценти

Грегор Гизи побара од СПД и Зелените да се воздржат од „сепартиски сос“, односно приклонување кон ЦДУ, ЦСУ и ФДП. Гизи бара и враќање на старосната граница за пензионирање од 67 на 65 години, што наиде на аплауз од делегатите - половината од 64 илјади членови на партијата се над 60 години.

Гледано чисто математички, Левицата би можела да биде јазичето на вагата за симнување на владата на Меркел. Но, СПД и Зелените не сакаат да коалицираат со Левицата, која според актуелните анкети има меѓу шест и осум проценти поддршка. Грегор Гизи како цел на партијата постави освојување на најмалку десет проценти на изборите за Бундестагот. На изборите во 2009 година, Левите стигнаа до 11,9 насто.