1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легендарната белешка на Леман заврши в музеј!

21 јуни 2007

Еден кадар во тв-преносот од натпреварот на Светското првенство 2006 меѓу Германија и Аргентина останува во сеќавањата на љубителите на фудбалот, а објектот регистриран во тој кадар сега влезе и во германската историја.

https://p.dw.com/p/Aywo
Белешката е сега музејски експонатФотографија: AP

Решение за тоа која од двете репрезентации – Германија или Аргентина - ќе се најде меѓу 4-те најдобри на светското првенство падна со пенали. Телевизиските гледачи можеа да го видат она, што од трибините на стадионот беше тешко забележливо: голманот на германската репрезентација Јенс Леман од чорапот изведи една белешка и фрли поглед во неа. Потоа уследи изведувањето на пеналите – Леман одбрани два и ја внесе Германија во полуфиналето.

На тоа парче хартија од десет на десет сантиметри, повеќепати преклопено и ставено во чорапот претходно тренерот на голманите на репрезентацијата Андреас Кепке забележа на која страна вообичаено бијат аргентинските фудбалери кога изведуваат пенал. "Седнавме со Кепке изутрината пред натпреварот и тој ја направи таа мала белешка - за жал со молив, па беше тешко воопшто и да се чита. Во кратката пауза меѓу продолжението и изведувањето пенали не можев да фрлам поглед во неа, па ја земав со себе на голот. Се чини дека некако сепак помогна” – раскажува Јенс Леман.

Уште колку! Веќе при вториот удар од 11 метри Леман појде во вистинскиот агол и го одбрани пеналот на капитенот на Аргентинците. “Ајала. Број 2, долго сочекај, десно долу” – тоа стои на белешката. Леман долго чекаше, Ајала биеше десно долу, Леман одбрани. “Ако внимателно се препрочита, тогаш испаѓа дека стрелците всушност биеја токму во спротивен агол од оние на кои јас појдов. Само двајца не постапија така – и тоа беше среќа за мене”. Вториот беше Камбиасо, изведувач на решавачкиот пенал.

Мала белешка, големо - речиси историско дејство! Поради тоа сега парчето хартија се најде во Куќата на историјата на Сојузна Република Германија. За таква чест Леман лично го донесе

во Бон. “Куќата на историјата ги претставува големите настани од поновото минато кои беа важни и на кои луѓето радо или помалку радо се сеќаваат. Така се чини дека е важно да се спомне и светското првенство 2006-та. Мислам дека тоа беше една од најголемите манифестации по војната – како емоционално, исто така и според севкупната величина и поради тоа секако припаѓа овде”, вели Леман.

Белешката прво неколку недели ќе добие посебно место во фоајето на музејот, а потоа ќе биде интегрирана во трајната музејска постановка. Ракавиците што ги носеше Леман против Аргентина не можеа да бидат изложени заедно со белешката. “Мислам дека му ги дадов на Германскиот фудбалски сојуз. Тој ги смести во својот музеј”.

Андреас Цимонс