1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ледено доба во односите меѓу Романија и Унгарија?

Кено Ферзек/ Симе Недевски20 февруари 2013

Спорот за едно историско знаме предизвика дипломатски конфликт меѓу Романија и Унгарија. „Војната за знамето“ изгледа бизарно, но и двете страни имаат интерес за распламтување на национализмот во нивните земји.

https://p.dw.com/p/17hHe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Будимпешта унгарскиот министер за надворешни работи Јанош Мартоњи зборува дека е „загрозена“ унгарско-романската соработка. Титус Корлацеан, негов колега по функција во Романија, се заканува со протерување на унгарскиот амбасадор. Медиумите блиски до власта во обете земји инсценираат националистички кампањи, какви што последен пат имаше пред еднаипол деценија. А сето започна во провинциски град во Романија со едно сино-златно-сино знаме со сонце и полумесечина во горниот лев агол.

Поради тоа знаме сега односите меѓу двете соседни земји паднаа на најдолна точка. Унгарскиот социолог Пал Тамаш зборува за „локален скеч, кој ескалира до принудни потези на високата политика“. Романскиот филозоф Андреј Корнеа препорачува ЕУ да ги модерира разговорите меѓу двете земји, оти тие се „неспособни да преговараат билатерално“.

Се’ започна со едно знаме

Конфликтот избувна откако на 2. февруари во романската општина Ковасна, со мнозинско унгарско население на функцијата стапи нов градоначалник. На свечената церемонија во зградата на градот Свети Ѓорѓи (на унгарски Sepsiszentgyörgy, на романски Sfântu Gheorghe) беше отстрането сино-златно-синото знаме на „Земјата на Секељите“, како што се нарекува регионот во југоисточниот дел на Трансилванија, затоа што според мислењето на романските власти претставува симбол за стремежите на унгарското малцинство (Секељите се унгарска етничка група) за територијална автономија и за отцепување од романската држава. Кусо потоа унгарскиот државен секретар за надворешни работи Солт Немет говореше за „симболична агресија против унгарската заедница во Трансилванија“ . Тоа беше почетокот на унгарско-романската „војна за знамето“.

Во нејзината заднина се крие контроверзниот конфликт со историска димензија. Како дел од Трансилванија, Земјата на Секељите некогаш му припаѓаше на унгарското кралство. Со мировниот договор од Трианон во 1920 година Трансилванија и‘ беше доделена на Романија. Но автономијата за малцинствата во Трансилванија која Романија ја вети уште во 1918 година никогаш не се оствари.

Стремеж за автономија

Од падот на диктаторот Николае Чаушеску наваму политичките претставници на милион и половина Унгарци во Трансилванија се залагаат за поголема административна самостојност во екстремно централистички организираната Романија, пред се’ во Земјата на Секељите со мнозинско унгарско население. Умерените политичари на унгарското малцинство притоа ќе се задоволија со поголема локална финансиска самоуправа и овластувања во културата, додека радикалните бараа автономија како за Јужен Тирол во Италија или на Каталонија во рамките на Шпанија. Во Романија меѓутоа барањето за автономија е едно од најголемите национални табуа.

„Притоа конечно станува збор за политичка конфронтација меѓу либерално-индивидуалистичкиот државен модел, кој го застапуваат Романците, бидејќи се мнозинство и мултикултурниот колективистички државен модел како во Белгија и во Канада, за кој се залагаат Унгарците“, објаснува Алина Мунџиу -Пипуди, професорка по политикологија.

Europäischer Gerichtshof erklärt Zwangspensionierung ungarischer Richter für illegal
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: AP

Гестот со кој за време на официјална локална церемонија е отстрането знаме чија употреба како локален симбол, романскиот суд во минатиот ноември јасно го дозволи, беше сфатен како навреда не само од радикалните политичари на унгарското малцинство во Романија туку и од претставниците на владата на премиерот Виктор Орбан во Будимпешта, која се смета себе си за застапник на политичките интереси на Унгарците во странство.

Будимпешта се вмешува

Од тогаш наваму следуваа удар по удар. Кога државниот секретар Немет проговори за „симболична агресија“ на Романија, романскиот премиер ја критикуваше таквата „дрскост“ и „мешањето во внатрешните работи“ од страна на Унгарија. Кога шефот на романската дипломатија Корлацеан се закани со протерување на унгарскиот амбасадор од Букурешт, Немет возврати со закана за возвратни „дипломатски мерки“ на Унгарија. Десетици унгарски градови и општини го развеаја знамето на Секељите, а на викендот се вееше дури и на зградата на парламентот во Будимпешта. Во Романија од другастрана влијателните националистички медиуми ја поддржуваа владата.

А всушност двете земји се имаат историски помирено, што беше предуслов за приемот во ЕУ. Во рамките на тој процес имаше заеднички седници на владите, а умерениот Демократски сојуз на Унгарците во Романија вкупно 16 години учествуваше во коалициските влади во Букурешт.

Но веќе некое време односите се заладуваат. Владата на Орбан во Будимпешта ги поддржува подебно радикалните претставници на унгарското малцинство. Таа го воведе правото на глас за Унгарците во странство за изборите во Унгарија, чии гласови и‘ се потребни за изборите во наредната пролет, зашто меѓу домашните гласачи владата е се’ понепопуларна поради социјалната политика на кастрење.

Игра со огнот на национализмот

Rumänien EU Victor Ponta vor Flaggen
Романскиот премиер Виктор ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa

Од друга страна на романската влада истотака и‘ е дојдено до тоа да го сврти вниманието од нејзината радикална политика на штедење. Пред се’ меѓутоа таа сака планираната територијална реформа да ја легитимира со националистичка реторика. Во рамките на оваа реформа три области главно населени со Унгарци би требало да бидат припоени кон една голема општина во централна Романија, и унгарското малцинство со тоа ќе загуби многу права.

Унгарскиот филозоф и публицист Атила Ара Ковач во моментов со оглед на политичката констелација во двете земји не гледа шанса за унгарско-романско помирување. „Состојбата е многу сериозна, и е последица од една казнива, неодговорна но добро обмислена намера на владата на Орбан, да ги растури досега за пример добрите односи со соседите“, вели Ара Ковач. „За жал, и романската влада на чело со Понта работи на тоа да ги наруши билатералните односи и во тоа има најдено соодветен партнер во Орбан“.