1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ледено доба

27 мај 2010

Северна Кореја денеска (27.05.2010) најави анулирање на Договорот за избегнување вооружени судири на морската граница со Јужна Кореја.

https://p.dw.com/p/NYK9
Јужнокорејски војнициФотографија: AP

Воените сили на Северна Кореја денеска соопштија дека Договорот за избегнување вооружени судири на границата со Јужна Кореја која минува низ морето, е поништен. Доколку јужнокорејските бродови навлезат во територијалните води на Северна Кореја, ќе бидат веднаш нападнати, се вели во изјава пренесена од државната агенција КЦНА.

Освен тоа, Пјонгјанг со изјавата ја зацврстува и намерата да го затвори пристапот за јужнокорејски работници и возила до заедничката специјалната економска зона, Каесонг. Кога би требало да се затвори пристапот до зоната не е наведено.

И Сеул покажува мускули

Во меѓувреме, Јужна Кореја изведе поморска воена вежба за да ја демонстрира својата воена сила. Маневрите за вежбање одбрана од подморници, сепак, се одржаа далеку од поморската граница со Северна Кореја, кадешто пред два месеци беше потопен јужнокорејскиот воен брод „Чеонан“, по што настапија тензиите во билатералните односи.

Südkorea Kriegsschiff Bergung
Извлекување на потопениот брод „Чеонан“ од моретоФотографија: AP

Меѓународна истражна комисија минатата недела го објави заклучокот дека бродот „Чеонан“ бил потопен од севернокорејско торпедо. Комунистичкото раководство на Северна Кореја демантира дека е виновно за потопувањето, во кое животот го загубија 46 лица, и се закани со војна. Според наводи на севернокорејски дисиденти, властодржецот во Пјонгјанг, Ким Јонг Ил, веќе ги има ставено севернокорејските воени сили во состојба на готовност.

ЕУ и земјите на групата АСЕАН вчера повикаа на воздржаност и побараа од сите страни во корејскиот конфликт да направат засилени напори за наоѓање траен мир на полуостровот.

Автор: ЕМФ/ГЧ/дпа/апн/афп

Редактор: Жана Ацеска