1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарите поднесле најмногу барања за признавање на дипломите

Сабине Кинкарц / Елизабета М. Фиданоска3 април 2013

Во еврозоната без работа се 19 милиони луѓе. Германските фирми пак, имаат итно потреба од стручна работна сила, вклучително и странци. Признавањето на дипломите пред една година беше олеснето со донесување на нов закон.

https://p.dw.com/p/188qq
Фотографија: Fotolia/Franny-Anne

Со законот кој стапи во сила пред една година, доселениците во Германија, кои досега беа главно на работни места под своите квалификации, добија можност да поднесат барање за признавање на дипломите во постапка која трае најмногу три месеци. За една година, според проценките, се поднесени 30.000 барања за признавање на странски дипломи. Очекувањата беа повисоки. Според Сојузниот завод за статистика, бројот на доселеници во Германија кои работат под своите квалификации или се без работа изнесува околу 300.000. Министерката за образование Јохана Ванка вели: „Меѓу нив има и луѓе кои во Германија се над 20 години и кои во меѓувреме егзистираат на сосема поинаков начин. Тие сигурно нема да поднесат барање ниту во наредните години.“

Johanna Wanka PK 21.02.2013
Јохана Ванка, сојузна министерка за образованиеФотографија: picture-alliance/dpa

Две третини од досега поднесените барања се од лица со дипломи од здравствениот сектор, како лекари, аптекари, болничари, физиотерапевти или акушерки. Притоа, најголем е бројот на барања поднесени од лекари и болничари. Од лица кои имаат трговско образование, или дипломи од електромашински факултет досега има 4000 барања за признавање на квалификациите. Притоа, кај две третини од барањата е утврдено дека тие сосема соодветствуваат на германските барања, а кај 30 проценти е констатирано делумно поклопување. Одбиени се само 4 проценти од барањата. Кнут Дикман, експерт за образование во германската индустриска и трговска комора, оценува дека законот стартувал добро и гледа оптимистички на иднината.

Тешко е за професиите за кои се надлежни покраините

Проверката на професионалната квалификација може да чини до 600 евра. Тука делумно може да учествува и Сојузната агенција за труд доколку се утврди дека признавањето на странската диплома е важно за да се фати чекор на пазарот на работна сила. Тешкотии има кај професиите за кои не е надлежен сојузот, туку покраините. Од тоа се погодени учителите, воспитувачите и инженерите. Досега само во пет од вкупно 16 германски покраини има соодветни правила, и тоа во Хамбург, Долна Саксонија, Хесен, Мекленбург Предна Померанија и Саарланд. Министерката за наука на покраината Саксонија Анхалт, Бригита Волф, вели дека реализирањето на законот е покомпликувано отколку што се мислеше: „На покраинско ниво има вкупно 1000 места за прием на барања за признавање на странски дипломи. Кај нас во Саксонија Анхалт има 50 места, а ние сме мала покраина, со само 2,3 милиони жители. Во многу сфери коморите или министерството за здравство не сакаат пребрзо да ги предадат уздите во рацете на друг. Тоа не е со лоша намера, никаде не можеме да констатираме недоволно добра волја, но сето се должи делумно на долгата традиција и досегашните шеми на размислување.“

Student Tafel studieren Symbolbild
Фотографија: Fotolia/Andrey Kiselev
Symbolbild Arzt verschreibt Medikament Korruption
Најмногу барања за признавање на дипломите поднесле лекари и болничариФотографија: Fotolia/LUCKAS Kommunikation

Претставникот на работодавачите Петер Клевер оди чекор понатаму. Тој оценува дека во Германија мора темелно да се промени менталитетот во насока на „култура на добредојде“. „Нашите власти со децении се дел од културата на одбивање. Се велеше - само држете ги луѓето настрана, тие само сакаат да станат дел од нашите социјални системи. Сега мора јасно да се каже дека ни се потребни стручњаци кои ќе треба да ги привлечеме.“ Притоа Клевер не сака да каже дека сите во службите за прашања на странци се нељубезни. „Тие беа замолувани да не бидат премногу љубезни“, објаснува тој.