1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летерм: Уверен сум дека ќе најдеме решение за спорот со името

6 јули 2010

Белгија за време на претседателството со ЕУ искрено ќе посредува, заедно со ОН, во спорот меѓу Грција и Македонија, изјави премиерот и претседавач со ЕУ, Ив Летерм по средбата со македонскиот колега Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/OBrj
Ив ЛетермФотографија: AP

„Во оваа земја имаме прилична развиено искуство во решавањето на ваквите чувствителни досиеја, со почит кон двете позиции, како кон онаа на Премиерот и неговата влада, така и кон грчката влада. Ќе се обидеме во следните недели и месеци да се однесуваме како искрен посредник во координација со господинот Нимиц и се надеваме дека со искрени иницијативи и од белгиска страна ќе успееме да промовираме решенија. Длабоко сум уверен дека ќе најдеме решение. Мислам дека народот тоа го заслужува и Европа тоа го заслужува. Иднината на ФИРОМ е во Европа, а Европа не е целосна без ФИРОМ“, изјави во Брисел по разговорите со македонскиот премиер Никола Груевски, белгискиот премиер Ив Летерм.

Груевски: Решението зависи во најголема мера од чекорите на Грција

Груевски, од своја страна, ги истакна напорите што ги прави македонската влада во економијата. Станало збор и за реформскиот процес. Груевски увери дека во спорот за името, Македонија се труди, но дека топката е во рацете на Грција.

Nikola Gruevski Präsident Mazedoniens
Никола Груевски: Не сакаме да кажеме ни оптимисти, ниту песимистиФотографија: DW/Musliu

„Сепак, ова прашање не зависи само од нас, па дури и не само до господинот Нимиц. Тоа во голема, можеби и во најголема мера зависи од чекорите што во иднина ќе ги презема грчката влада. Не сакаме да кажеме ни оптимисти, ниту песимисти, туку сакаме преку процесот на господин Нимиц, да продолжиме да бараме решение, коешто ќе ги нормализира односите со Грција, коешто ќе не‘ деблокира и коешто ќе биде решение кое би било прифатливо за двете страни“, потенцираше Груевски.

Потпишан договор за избегнување на двојно оданочување

Летерм потврди дека прашањето со азилантите кое тежеше врз македонско-белгиските односи во март, сега е решено и дека двете земји имаат одлични односи. Белгија и Македонија денеска потпишаа и договор за ослободување од двојното оданочување и изразија волја за натамошна плодна економска соработка и привлекување белгиски инвестиции.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска